Зајков: Дивите приклучоци и старата водоводна мрежа во Штип се причина за губењето на 60 отсто вода
- Дивите приклучоци, како и старата водоводна мрежа во Штип се причина за губењето на 60 отсто вода од водоводната мрежа во градот, посочи денеска директорот на ЈП „Исар“ – Штип, Кирил Зајков.
Штип, 24 мај 2024 (МИА) – Дивите приклучоци, како и старата водоводна мрежа во Штип се причина за губењето на 60 отсто вода од водоводната мрежа во градот, посочи денеска директорот на ЈП „Исар“ – Штип, Кирил Зајков.
Вели дел од граѓаните произведената вода ја користат за градините и тревниците, додека пак, за да не плаќаат високи сметки тие ги отсрануваат водомерите. Зајков посочи дека комуналното претпријатие е принудено да им пишува паушални сметки.
– Бидејќи нешто што не е точно евидентирано, граѓаните немат обврска да се грижат за истото, па затоа имаме вакви ситуации да во летниот период во одредени населби има големо течение на вода. Луѓето не ја користат рационално. Имаме случаеви каде одредени домаќинства водата за пиење ја користат за наводнуваање на земјоделски површини, а тоа е вода која е третирана хемиски, вели Зајков.
Секое лето жителите во високите зони на Штип трпат за вода за пиење. Зајков посочува дека за трајно решавање на проблемот со притисокот на водата за населбите во високите реони на градот ќе се гради резевоар во населба Пребег.
– Во текот на оваа година ќе започне градењето на резервоарот во населбата Пребег, населба која со децении има проблем со водоснабдувањето. Ова се случува бидејќи населбата Пребег е на иста висинка кота како и филтер станицата , па затоа во летните периоди при енормното користење на вода од страна на другите домаќинства е причина за одредени точки во оваа населба во летниот период немат доволно количина на вода, изјави Зајков.
Во тек е и изградбата на Водоводна линија два, чија инвестициска вредност изнесува 1,2 милиони евра, а ова се средствата од програмата на ТАВ кои градот ги доби поради неизградба на карго аеродромот. Штип со приклучувањето на Злетовица нема проблеми со водата за пиење, но старата водоводна мрежа е причина за честите дефектите, кои знаат по неколку денови да ги остават граѓаните во одредени населби без вода за пиење. вдј/ра/
Фото: МИА