• вторник, 05 ноември 2024

Започнува 23. издание на меѓународниот фестивал на европски филм „CINEDAYS“

Започнува 23. издание на меѓународниот фестивал на европски филм „CINEDAYS“

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) – Под годинешниот слоган „Како е? Викај ура“, денеска започнува 23. издание на меѓународниот фестивал на европски филм „CINEDAYS“, каде ќе бидат прикажани повеќе од 40 филмски наслови. Филмските вечери ќе се одржат во периодот од 11 до 17 јули, во паркот зад Младинскиот културен центар, во киното Фросина, како и летното кино на отворено во Кинотека.

Како што е наведено во соопштението од Младинскиот културен центар, натпреварувачката програма е селекција на Бернд Будер и се состои од македонски и интернационални филмови и копродукции кои се дел од Официјалната селекција, Гала програмата, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови), Ретроспектива на филмови посветена на легендарниот југословенски режисер Вељко Булајиќ како и кратки филмови од култниот европски автор Вим Вендерс.

Во ГАЛА програмата, „CINEDAYS“ ги носи наградените филмски остварувања од овогодинешниот филмски фестивал од Кан, како што се филмовите на Кроненберг, Вуди Ален, Корали Фержо со Деми Мур во главна улога, последниот филм на иранскиот режисер Расулоф, потоа Оноре, Жанг Жи, Хазанавициус, Полански.

Од МКЦ велат „CINEDAYS“ е единствениот фестивал во Европа кој ја има таа привилегија да ги прикаже овие наслови директно по нивната премиера во Кан.

Овогодинешниот „CINEDAYS“ ќе го отвори македонскo-данската соработка на бендовите Ефтеркланг и Македониум бенд, кои својата концертна премиера ја имаа пред споменикот Македониум во Крушево во април минатата година, додека филмската премиера на фестивалот „CPH-DOX“ во Копенхаген на 23 март 2024 година.

– Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регрутација на членови за новиот мета состав наречен „Ефтеркланг : Македониум бенд”, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски - Грга, кој е нивен пријател и посредник во целата авантура. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент, преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект, се вели во дописот од МКЦ.

Додаваат дека во придружната програма ќе се реализира меѓународниот проект „LIVING MUSIC“, под водство на професката Дарија Андовска, во која студенти или тукушто дипломирани режисери и композитори од Европа работат заедно во резиденцијален проект за време на фестивалот и создаваат филмска музика која ќе ја изведат во живо.

– Музичката програма на фестивалот под наслов „CINEmusic“ и оваа година носи изненадувања. Покрај свеченото отворање на фестивалот со ГАЛА концертот на „Efterklang: Makedonium band”, свој настап ќе имаат и регионалниот експериментален панк бенд „Turbo Trans Turisti“, скопскиот инди состав „СИЗ“ како и психоделичното музичко дуо „Cyril-Cyril“ од Швајцарија, стои во соопштението на МКЦ.

Билетите за фестивалот „CINEDAYS“ ќе бидат по цена од 250 денари на билетарниците на МКЦ и Кинотека, како и на линкот за онлајн продажба на билети на МКЦ, bileti.mkc.mk.

Фестивалот е финансиски поддржан од Град Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата „EU Film Festivals”, Агенцијата за филм во партнерство со Публицис и Кинотеката на Република Северна Македонија. ра/вг/

Фото: МКЦ

Остани поврзан