• понеделник, 23 декември 2024

Започна регистрација на штетите од пожарот во северниот дел на грчката област Атика

Започна регистрација на штетите од пожарот во северниот дел на грчката област Атика
Атина, 9 август 2021 (МИА) – Претставници на Министерството за транспорт и инфраструктура на Грција, од денеска започнаа со теренска регистрација на штетите предизвикани од пожарот во пет општини во северниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, јави дописничката на МИА од Атина. Во пожарот беше предизвикана материјална штета на домови и објекти, а процените се дека изгоре површина од околу 8.000 хектари. Од Министерството за транспорт и инфраструктура на Грција соопштија дека целта е регистрацијата на штетите да заврши колку е можно поскоро за да може веднаш да започне процесот на обесштетување на погодените граѓани од пожарот. Заменик-министерот под премиерот Акис Скерцос преку неговиот „Фејсбук“ профил потсети дека сите оние кои биле принудени да се евакуираат и да ги напуштат нивните домови можат да се јават на специјален број за да добијат насоки за привремено сместување во хотелите обезбедени од државата. Додаде дека над 1.500 граѓани веќе добиле привремено сместување. ср/сд/

Остани поврзан