• понеделник, 23 декември 2024

Заменик министерот за финансии Николоски на средби во СБ: Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

Заменик министерот за финансии Николоски на средби во СБ: Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

Скопје, 21 април 2024

 

Вашингтон – РС Македонија е посветена и останува цврсто на определбата за спроведување на структурните реформи. Реформите се дефинирани заедно со меѓународните партнери и значајна поддршка во нивната имплементација е потврдена  од Светската банка преку новата четиригодишна Рамка за партнерство со кредитно портфолио од близу 700 милиони американски долари. Потврда за поддршка на реформите денеска беше изразена и на средбите на заменик-министерот за финансии Филип Николоски во Светска банка со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Јуџин Ругенат и директорката на Светска банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.

„Светска банка е наш значаен партнер од кој добиваме континуирана поддршка над 30 години во развој на општеството. Многу реформи се поддржани преку проекти коишто се досега реализирани и уверувам дека реформите што претстојат пред нас ќе се одвиваат согласно усвоената Рамка за партнерство со јасна цел за пристапување кон ЕУ и обезбедување поoдржлив, поoтпорен и зелен раст“, рече заменик-министерот за финансии.

Тој додаде дека веќе е одобрена првата група на договори за заеми од новата рамка, односно се обезбедени 93,8 милиони евра за развојни политики, 27,5 милиони евра за унапредување на социјални услуги, како и 31 милион евра за надградба и развој на патишта.

„Во наредните четири години на државата и стојат на располагање 695 милиони американски долари кои ќе се насочат кон подобрување на достапноста на квалитетот на јавните услуги, подобрување на опкружувањето за отворање нови и подобро платени работни места во приватниот сектор, зајакнување на отпорноста на климатските промени, како и намалување на загадувањето. За остварување на овие цели проектите се фокусираат во областа на транспортот, општинската инфраструктура, земјоделството, дигитализацијата, енергетиката, здравството, образованието, социјални услуги“, рече Николоски.

На средбата беше изразена благодарност до Светска банка за поддршката што ја дава во континуитет на земјата,  а стана збор и за нови можности за продлабочување на таа соработката. Веќе се отпочнати активности за  нови проекти за одржлив развој на општините и олеснување на трговијата и транспортот, а ќе се разгледуваат и можностите за проекти во областа на енергетската транзиција и преминување кон извори на чиста енергија и зелен раст, како одговор на климатските промени.    

Средбите се одржаа во рамки на учеството на заменик-министерот за финансии Филип Николоски на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон. Покрај средбите со високи претставници на ММФ, тој оствари средби и со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер.Заменик-министерот за финансии учествуваше и на состанокот на Холандско-белгиската конституенца, каде припаѓа РС Македонија. Пролетните средби на ММФ и СБ се редовни средби, а годинава се одржаа во период од 15 до 20 април, на кои учествуваше покрај заменик-министерот Николоски, учествуваше и гувернерката на Народната банка на РС Македонија Анита Ангеловска-Бежоска.

Министерство за финансии - Одделение за односи со јавност

Фото: Министерство за финансии

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан