• среда, 14 август 2024

Заврши 50-тата ликовна колонија „Куманово 2024“

Заврши 50-тата ликовна колонија „Куманово 2024“

Куманово, 13 август 2024 (МИА) - Заврши интернационалната ликовна колонија „Куманово 2024“. На завршниот настан во „Етно село Тимчевски“ уметниците од различни држави ги презентираа делата на кои работеа изминатиов период. Десет учесници од повеќе земји од регионов, работеа различни техники, создадоа по две уметнички дела кои остануваат во збирката на бројни дела, сопственост на кумановскиот музеј.

Годинава работеа уметниците Марин Милутиновиќ, Милош Шариќ и Никола Марковиќ од Србија, Звонко Павличиќ  од Црна Гора, Цветка Хојник од Словенија, Здравко Милиќ и Јосипа Чамбер од Хрватска, Костин Братини од Романија и македонските уметници Ангел Коруновски и Валентина Илијевска.

- Во државава егзистираат голем број на ликовни колонии, чијшто број се зголемува, но само дел од нив успеваат континуирано да ја зачуваат својата активност, да ги надминат општествено-политичките промени и финансиските кризи со кои се соочуваат. Ликовната колонија „Куманово“, е една од оние кои успешно опстојуваат и покрај прилепската и струмичката се вбројува во редот на најстарите ликовни манифестации во државава, изјави Драгана Спасковска виш кустос историчар на уметност, од кумановскиот музеј.

Првата креативна средба е одржана во далечната 1974 година во конаците на манастирот „Св. Прохор Пчински“ во Кленике кај Врање, (во непосредна близина на српско-македонската граница. Колонијата е формирана помеѓу двата збратимени градови во тогашната СФРЈ, Куманово и Врање. На првата колонија зучествувале десет уметника. Така било сѐ до 1991 година кога со распадот на СФРЈ престанува да постои колонијата под ова име. Од 1991-та година, реорганизирана, таа продолжува да постои на територијата на општина Куманово под името „Куманово“. До ден денеска неколку пати го именува местото на одржување : манастирски комплекс Матејче, меморијален центар АСНОМ во Пелинце, ресторан Грација и други локации.
-Резултат на нејзината продуктивна активност е збирката на ликовни дела, која во сопственост на НУ Музеј-Куманово ја надмина бројката од 700 слики и скулптури. Особено се издвојуваат делата на светски реномираните уметници: Денис Бовен, од Велика Британија и Паоло Чампини од Италија, како и дела на афирмирани македонски автори кои оставиле длабок печат во антологијата на современата македонска уметност: Борко Лазески, Ванчо Ѓорѓиевски, Ана Темкова, Веле Ташевски, Кирил Геговски, Нове франговски, Димитар Малиданов, Рубенс Корубин и многу други, појаснува Спасковска.

Колонијата е поддржана од Министерството за култура и туризам на и градоначалникот и советот на Општина Куманово, а во реализација на НУ Музеј Куманово (Уметничка галерија) и Фондацијата за култура и спорт. ам/са/


Фото: Општина Куманово и НУ музеј Куманово

Остани поврзан