• петок, 12 декември 2025

Завршен концерт на НУЦК ,,Никола Јонков Вапцаров" во Делчево

Завршен концерт на НУЦК ,,Никола Јонков Вапцаров

Делчево, 12 декември 2025 (МИА) – Во Спомен-домот „АСНОМ“ синоќа се одржа традиционалниот Новогодишен концерт во организација на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“. На концертот настапија фолклорната група при установата и Женската пејачка група „Ѓурѓа“.

Директорот на НУЦК „Никола Ј. Вапцаров“, Златко Начовски, изјави дека концертот е дел од традицијата која установата ја одржува со години.

-Се надевам дека публиката уживаше во  програмата што ја подготвија нашите учесници, од најмладите до најискусните членови. Особено ми е драго што пејачката група ,,Ѓурѓа" се претстави одлично и го потврди својот квалитет. Со овој концерт официјално ја отвораме и новогодишната програма на Општина Делчево, изјави Начовски, најавувајќи содржини за претстојните празнични настани.

Концертот го проследи и градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, кој го поздрави трудот и ентузијазмот на учесниците.

-Присуствував на едно навистина емотивно и прекрасно доживување. Просторот беше исполнет со македонска песна и препознатливата традиција што ја негува нашата општина. Горд сум што имаме луѓе кои посветено ја пренесуваат културата од генерација на генерација, изјави Гоцевски, додавајќи дека преполната сала е доказ за големиот интерес на јавноста.

Во рамки на настанот посебно признание беше врачено на долгогодишниот вработен Менсур Арифи, кој заминува во пензија. Установата му изрази благодарност за неговиот повеќедецениски придонес.

Концертот помина во празнична атмосфера и беше поздравен со голема посетеност и позитивни реакции од публиката. вс/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан