• недела, 22 декември 2024

Жителите на Канарските острови демонстрираа против масовниот туризам

Жителите на Канарските острови демонстрираа против масовниот туризам

Мадрид, 20 април 2024 (МИА) - Десетици илјади луѓе демонстрираа денеска на шпанските Канарски острови во знак на протест против масовниот туризам на архипелагот во Атлантскиот Океан во близина на брегот на Африка.

Според полицијата имало 20.000 луѓе, а според организаторите 50.000 во поворки низ улиците на градовите на Канарските острови, кои свиреле и извикувале слогани против неограничен туризам.

Демонстрантите носеа натписи „Жителите на Канарските острови не се на продажба“, „Мораториум на туризамот“ и „Почитувај го местото каде што живеам“.

За организаторите на демонстрациите, сегашниот економски модел е штетен и за жителите и за животната средина. Бараат надлежните да го ограничат бројот на туристи.

„Ние не сме против туризмот. Само бараме да го сменат сегашниот модел кој овозможува неограничен раст на туризмот“, рече еден од демонстрантите.

Насобраните бараат да се запре изградбата на два нови хотели на Тенерифе, најголемиот и најразвиениот од седумте острови на архипелагот, а жителите да имаат право на глас при донесувањето одлуки за развој на туризмот.

Демонстрации на поддршка беа одржани и во Мадрид и Барселона.

Сместени на брегот на Северна Африка, Канарските Острови привлекуваат туристи со нивните вулкански пејзажи и сончеви плажи. Архипелагот со 2,2 милиони жители лани примил 16 милиони туристи.

Една четвртина од населението работи во туризмот, што носи 36 отсто од бруто домашниот производ (БДП). рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан