• понеделник, 04 ноември 2024

Женската екипа на Вардар е шампион во М-18 кошаркарската лига

Женската екипа на Вардар е шампион во М-18 кошаркарската лига

Делчево, 3 јуни 2024 (МИА) - Екипата на Вардар го освои првото место во финалниот меч од М-18 лигата во кошарка. Во финалето кое се одигра во спортската сала „Методи Митевски - Брицо" во Делчево „вардарки“ беа убедливи против домаќинот на турнирот, екипата на Патриот 2016, со резултат (79:52). Победата во ниту еден момент не беше доведена во прашања имајки предвид дека Вардарки од четвртина во четвртина ја зголемуваа разликата, со што на крај славеа со 27 поени разлика.

-Секоја чест за организаторот на турнирот, ние покажавме дека тоа што го работиме цела сезона дава резултат. Имаме одличен стручен тим, девојки кои се залагаат и работат и тоа е резултат на сето тоа, рече тренерот на победничкиот тим Јасмина Герасимовска Николиќ.

Титулата најкорисен играч на турнирот и припадна на кошаркарката на Вардар, Јана Пислевска, која реализираше дабл-дабл ефект.

-Многу сум среќна за оваа награда, како најмала го дадов својот максимум и многу ми значи ова, рече Пислевска по натпреварот.

Тренерот на домаќинот на турнирот Патриот 2016, Љупчо Петровски додаде дека второто место за неговата екипа е историски успех за Делчево.

-Јас и вчера кажав дека ова е силен турнир, на кој секој може секого да победи. Вчера го совладавме Бадел, натпревар на кој дадовме се од себе и се истрошивме. Денес одигравме во рамки на своите можности. Сепак ова е огромен успех, бидејќи да бидеш втор во Македонија во најголемата младинска конкуренција и да оставиш срце на терен е одличен успех. Дадовме се од себе и за нас ова е историја и успех, рече Петровски.

Претходно во малото финале кошаркарките на Бадел 1862 го совладаа тимот на Пробаскет, освојувајки го третото место на завршниот турнир во М-18 лигата. вс/вг/


Фото: МИА

Остани поврзан