• четврток, 04 јули 2024

ЕУ нема да ги исполни своите дигитални цели до 2030 година, проценува Еврокомисијата 

ЕУ нема да ги исполни своите дигитални цели до 2030 година, проценува Еврокомисијата 

Брисел, 3 јули 2024 (МИА) - Европската Унија нема да ги исполни целите утврдени за 2030 година со политичката програма „Дигиталната декада“, особено во делот на поврзувањето и развојот на дигиталните вештини, се проценува во најновиот извештај на Европската комисија за состојбата со имплементацијата на оваа стратегија. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, програмата „Дигиталната декада“ има за цел да ја подобри дигитализацијата на ЕУ до 2030 година, поставувајќи мерливи цели за поврзување, прифаќање на дигиталната технологија и наобразба на работната сила. 

Европската комисија секоја година објавува годишен извештај за степенот на имплементација на „Дигиталната декада“ во кој се оценува напредокот на земјите членки на ЕУ во постигнувањето на утврдените цели и кој содржи препораки до низ за ревидирање на своите национални патокази и усогласување со целите на политичката програма најдоцна до 2 декември тековната година. 

Врз основа на податоците, во 2023 година 64 проценти од домаќинствата во ЕУ имале пристап до мрежи со оптички влакна. Со програмата се предвидува целосна, односно стопроцентна поврзаност на европските домаќинства со овој тип мрежи до 2030 година. 

Европските компании лани биле далеку од целта на Дигиталната декада за 75-процентна употреба на вештачката интелигенција, „клауд систем“ и т.н. „биг дата“, односно збир на големи и сложени податоци за чија обработка се неприменливи традиционалните софтвери за обработка на податоци. Според ЕК, доколку продолжи сегашниот тренд, до 2030 година само 17 отсто од компаниите во ЕУ ќе користат вештачка интелигенција, 64 проценти „клауд систем“, а околу 50 отсто ќе употребуваат „биг дата“. 

Во 2023 година 55,6 проценти од жителите на ЕУ поседувале основни дигитални вештини, а со програмата е поставена цел вакви познавање да имаат 80 отсто на европските граѓани на возраст од 16 до 74 години. 

Европската комисија проценува дека ако продолжи сегашното темпо на образование до 2030 година ЕУ би имала 12 милиони експерти за информациско-комуникациски технологии (ИКТ), при што и натаму би се задржала постојната родова нерамнотежа меѓу жените и мажите во оваа професија. Со програмата „Дигиталната декада“ е поставена цел во Унијата да има 20 милиони вработени ИКТ експерти. 

Единствено блиску до остварување е целта за стопроцентна достапноста до електронска идентификација на граѓаните на ЕУ. Лани таа стапка изнесувала 93 отсто. 

Комисијата во извештајот посочува дека е потребно да се поттикне прифаќањето на иновативни дигитални алатки од страна на малите и средните претпријатија, особено на „клауд системот“ и вештачката интелигенција, како да се привлекуваат дополнителни приватни инвестиции во високо технолошки стартапи. 

Друг предизвик, според ЕК, е недоволната застапеност на дигиталните технологии надвор од големите градови и за надминување на овој проблем предлага поттикнување на соработката на прекугранично и локално ниво. 

Комисијата воедно апелира да земјите членки да усвојат сеопфатен пристап за зголемување на дигиталните вештини на сите образовни нивоа и за поттикнување на интересот за науката, технологијата, инженерство и математика, особено меѓу жените. сп/

Фото: Европска комисија

Остани поврзан