ЕУ го поздрави исходот од американско-украинските разговори во Саудиска Арабија
- Европската Унија ја поздравува заедничката изјава на Украина и САД по нивниот состанок во Саудиска Арабија, вклучувајќи ги и предлозите за договор за прекин на огнот, хуманитарните напори и продолжувањето на размената на разузнавачки информации и безбедносната помош на САД, се наведува во изјавата на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во врска со вчерашната средба на американски и украински претставници во Ријад.

Брисел, 12 март 2025 (МИА) - Европската Унија ја поздравува заедничката изјава на Украина и САД по нивниот состанок во Саудиска Арабија, вклучувајќи ги и предлозите за договор за прекин на огнот, хуманитарните напори и продолжувањето на размената на разузнавачки информации и безбедносната помош на САД, се наведува во изјавата на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во врска со вчерашната средба на американски и украински претставници во Ријад.
- Европската унија е подготвена целосно да ја одигра својата улога во поддршката на претстојните чекори, заедно со Украина, САД и другите партнери, нагласува Калас во писмената изјава.
Таа натаму додава дела целта на Европската Унија е да ја поддржи Украина во постигнувањето сеопфатен, праведен и траен мир заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право.
- Предлогот за прекин на огнот, доколку биде прифатен од Русија, може да биде важен чекор во оваа насока. Сега е на Русија да ја покаже својата волја за постигнување мир, истакнува Калас, поздравувајќи ги при тоа напорите на Саудиска Арабија да биде домаќин на овие разговори. сп/
Фото: МИА Архива