ЕУ ги осуди иранските напади врз Израел како сериозна закана за регионалната безбедност
- Опасниот циклус на напади и одмазди уште еднаш претставува ризик за поттикнување на неконтролирана регионална ескалација која не е во ничиј интерес. ЕУ останува целосно посветена на намалување на тензиите и на свој придонес за деескалација, со цел да се избегне опасен регионален конфликт, наведува Борел во писмената изјава упатена во името на ЕУ.
Брисел, 2 октомври 2024 (МИА) - Европската Унија ја потврдува својата посветеност на безбедноста на Израел и најостро ги осудува нападите на Иран врз Израел, кои претставуваат сериозна закана за регионалната безбедност, се наведува во реакцијата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел на иранските балистички ракетни напади врз израелска територија.
- Опасниот циклус на напади и одмазди уште еднаш претставува ризик за поттикнување на неконтролирана регионална ескалација која не е во ничиј интерес. ЕУ останува целосно посветена на намалување на тензиите и на свој придонес за деескалација, со цел да се избегне опасен регионален конфликт, наведува Борел во писмената изјава упатена во името на ЕУ.
Тој нагласува дека за остварување на ваквите свои заложби, ЕУ ќе остане во близок контакт со сите актери.
- Ги повикуваме сите страни на максимална воздржаност, додава Борел во изјавата.
Претходно, Борел ги осуди нападите и во објава на платформата Икс нагласувајќи дека е потребен итен прекин на огнот во целиот регион и дека ЕУ останува целосно посветена на напорите за избегнување регионална војна.
Со осуда на нападите преку објава на Икс се огласи и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, која оцени дека тие претставуваат закана за регионалната безбедност.
- Смртоносната спирала на ескалација на Блискиот Исток мора веднаш да престане. Регионална војна не е во ничиј интерес. ЕУ е подготвена да ги поддржи напорите за деескалација и заштита на животите на цивилите, додаде Мишел.
Иранските балистички ракетни напади врз Израел најостро ги осуди и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која оцени дека ваквите акции ја загрозуваат регионалната стабилност и ги зголемуваат тензиите во и онака екстремно нестабилната ситуација.
- Ги повикувам сите страни да го заштитат животот на невините цивили. Европската Унија и натаму повикува на прекин на огнот преку границата со Либан и во Газа и за ослободување на сите заложници кои се здржани речиси една година, наведе Фон дер Лајен во реакцијата. сп/
Фото: МИА Архива