• понеделник, 23 декември 2024

ЕУ бара проверка на наводите за неправилности на изборите во Грузија 

ЕУ бара проверка на наводите за неправилности на изборите во Грузија 

Брисел, 28 октомври 2024 (МИА) - Европската Унија ја повикува Централната изборна комисија на Грузија и другите релевантни органи да ја исполнат својата должност за брзо, транспарентно и независно испитување на наводите за изборни нерегуларности, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со парламентарните избори во земјата одржани во саботата. 

- Тие неправилности мора да се разјаснат и решат. Тоа е неопходен чекор за повторно градење на довербата во изборниот процес, наведува Борел во изјавата упатена во името на ЕУ. 

Според Борел, ЕУ до внимание ги следи случувањата кои доведоа до парламентарните избори во Грузија и приврзаноста на грузискиот народ кон демократските вредности и европскиот пат на нивната земја покажани во текот на изминатите месеци. 

- Конструктивниот и инклузивен дијалог низ политичкиот спектар сега е најважен. Во согласност со заклучоците на Европскиот совет од 17 октомври, ЕУ ја повикува Грузија да усвои демократски, сеопфатни и одржливи реформи, во согласност со основните принципи на европската интеграција, додава Борел. 

Тој посочува дека според прелиминарните наоди и заклучоци на Меѓународната мисија за набљудување на изборите, предводена од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), денот на изборите генерално бил процедурално добро организиран и администриран на уреден начин, но обележан со „тензична атмосфера, чести компромиси во тајноста на гласањето и неколку процедурални недоследности“, како и со извештаи за заплашување и притисок врз гласачите што негативно влијаеле на довербата на јавноста во процесот.  

- Извештаите за притисок врз гласачите, особено врз вработените во јавниот сектор, останаа широко распространети во кампањата. Ова, заедно со широко распространетото следење на гласачите на денот на изборите, предизвика загриженост за можноста на некои гласачи да го дадат својот глас без страв од одмазда, наведува високиот претставник на ЕУ, пренесувајќи делови од оценката на ОДИХР. 

Според него, набљудувачите на изборите известуваат и за нерамноправни услови за игра, кампања на поделби во услови на во поларизирана атмосфера и за значителна загриженост во врска со влијанието на неодамнешните законски измени врз изборниот процес.

- ЕУ со нетрпение го очекува конечниот извештај и препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои треба да се спроведат што е можно поскоро, додава Борел во изјавата. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан