• петок, 22 ноември 2024

„Еурактив“: Русите повеќе не ќе можат да влегуваат во ЕУ со своите автомобили  

„Еурактив“: Русите повеќе не ќе можат да влегуваат во ЕУ со своите автомобили  

Брисел, 12 септември 2023 (МИА) - На руските државјани во иднина ќе им биде забрането да влегуваат на територијата на ЕУ со своите возила, а доколку го сторат тоа, земјата членка во која влегле треба да им го конфискува возилото, ова, како што наведува „Еурактив“, се предвидува со последните измени на политиката за санкции на Унијата. 

Според порталот, на прашањето „Дали руските државјани можат привремено да внесуваат лични стоки и возила во ЕУ под наметнатиот режим на санкции кон Москва?“, Еврокомисијата дала негативен одговор.  

Во објаснувањето на ЕК се посочува дека ограничувањето за влез во ЕУ важи за сите возила со руски регистарски таблички, независно дали се користат за приватни или комерцијални цели. 

Портпаролот на ЕК, Даниел Фери одговорил дека земјите членки на ЕУ треба строго да се придржуваат „до забраната за увоз на автомобили, дури и ако возилото не е ефективно увезено, туку само ја преминува границата за туристичка посета или краток престој“. 

Досега забрана за влез во ЕУ важеше за „луксузните возила“, односно за оние со вредност од над 50.000 евра или запремнина од над 1900 кубни сантиметри, како и за електричните и хибридните автомобили. 

Во ажурираните правила за санкции меѓутоа не се прецизира што со оние возила со руски регистарски таблички, што од претходно се наоѓаат на територијата на ЕУ и ако им припаѓаат на државјани на Русија што живеат во земјата членка на Унијата или имаат статус на бегалци или хуманитарно згрижени лица. Се проценува дека само во Бугарија недвижен имот купиле околу 300.000 државјани на Русија и многумина од нив се уште ги возат своите возила со руски регистарски таблички. сп/јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан