• сабота, 18 мај 2024

Ердоган: Свесни сме дека Западот ќе нè нападне поради нашите трговски ограничувања кон Израел

Ердоган: Свесни сме дека Западот ќе нè нападне поради нашите трговски ограничувања кон Израел

Истанбул, 4 мај 2024 (МИА) – Единствена цел на Турција во прекинот на трговијата со Израел е да се присили Тел Авив да прогласи прекин на огнот во Појасот Газа, изјави турскиот претседателот Реџеп Таип Ердоган, јави Анадолија.

- Наша единствена цел е да ја присилиме на прекин на огнот Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, која излезе од контрола поради безусловната поддршка на Западот, рече Ердоган во своето обраќање пред членовите на Здружението на независни индустријалци и бизнисмени во Истанбул.

Ердоган ја коментираше и одлуката што во четвртокот ја објави Министерството за трговија на Турција дека Анкара ги запрела сите извозни и увозни активности со Израел поради агресијата врз Палестина.

Уште еднаш критикувајќи ги западните држави поради поддршката на Владата на Нетанјаху, Ердоган порача дека очекува дека овие земји силно ќе ја критикуваат Турција поради нејзината одлука.

- Свесни сме дека Западот ќе нè нападне поради нашите трговски ограничувања кон Израел“, рече турскиот претседател.

Напоменувајќи дека сепак Турција „ќе биде пример и за другите земји во регионот“, Ердоган додаде дека „целта на неговата земја ќе биде постигната кога ќе се постигне прекин на огнот и ќе се овозможи испорака на доволно количество помош во Газа“.

На крајот од својот говор Ердоган повика на воздржаност и смиреност во регионот.

- Не тежнееме кон непријателство или судири со ниту една земја во нашиот регион. Не сакаме да гледаме судири, крв и солзи на нашето географско подрачје, порача Еродган.

Претседателот на Турција претходно информираше дека неговата Влада ја прекинала сета трговија со Израел, која изнесува околу 9,5 милијарди долари годишно.

Фото: Анадолија

Остани поврзан