• понеделник, 23 декември 2024

„Емоции“ изложба на скулптури од Никола Смилков во КИЦ - Скопје

„Емоции“ изложба на скулптури од Никола Смилков во КИЦ - Скопје
Скопје, 4 ноември 2022 (МИА) - Изложба на скулптури од Никола Смилков насловена „Емоции“, ќе биде отворена вечер во Културно-информативен центар – Скопје, во Салон Империјал 2. По повод изложбата М-р Луција Ѓурашковиќ ќе истакне дека и само минувајќи низ „патот на емоциите“ на изложбата на вајарот Никола Смилков, како да се враќаме на самите себе, на своето внатрешно битие, на својот божествен никулец кој ни ја дава смислата, а со тоа и го осмислува постоењето. -Смилков своето уметничко дело како од самите негови почетоци да го поврзува со таинствени нишки со култниот однос кон човечката фигура, особено женската, како центар на микрокосмичките случувања. За неговиот создавачко-креативен импулс, фигурата претставува како интуирање на смислата на еден реално даден облик, така и особена загатка со определена материјална таинственост низ која еманираат ирационални димензии на уметничкото, кое подразбира, и ликовно, и психолошко, и духовно, со осмислување на важните димензии на архетипското, вели меѓу другото Ѓурашковиќ. Никола Смилков е роден 1973 година во Штип. Македонија. Студирал на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде дипломирал, а магистрирал во 2002 година од областа на вајарството во класата на проф. Драган Попоски Дада. Во 2012 година се стекнува со титула доктор на науки на Педагошкиот факултет на УКЛО во Битола, од областа на Методика на ликовно образование. Учествувал на многу меѓународни симпозиуми при кои има поставено повеќе монументални скулптури и учество на групни изложби во Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Турција, Франција, Кина, Египет и Индија. За време на професионалната кариера реализирал неколку студиски посети, вклучително и во Cite De Arts во Париз и Прима Центар во Берлин, завршувајќи ги посетите со самостојни изложби. Во 2021 година награден е со Гран при на 5. меѓународно биенале на акт „Марко Крстов Греговиќ“ во Будва, Црна Гора. Како национално признание за неговата уметничко работа, Смилков е двапати наградуван. Во 2008 и 2016 година ја добива Првата награда за скулптурата „Димо Тодоровски“ од Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Изложбата ќе биде отворена до 12 ноември 2022 година. вг/са/

Остани поврзан