Ел Ануни: ЕУ ќе ја поддржи имплементацијата на договорот за прекин на огнот во Газа
- Европската унија го поздравува договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците меѓу Израел и Хамас, што ќе овозможи ослободување на заложниците и прекин на нивното ужасно искуство кое трае повеќе од 15 месеци, како и ставање крај на хуманитарното страдање во Газа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни.

Брисел, 16 јануари 2024 (МИА) - Европската унија го поздравува договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците меѓу Израел и Хамас, што ќе овозможи ослободување на заложниците и прекин на нивното ужасно искуство кое трае повеќе од 15 месеци, како и ставање крај на хуманитарното страдање во Газа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни.
- Од витално значење е договорот целосно да биде имплементиран за да се овозможи ослободување на сите заложници и да се обезбеди траен прекин на непријателството, рече Ел Ануни.
Тој додаде дека Европската Унија не била директно вклучена во преговорите за постигнување на договорот, но обезбедувала постојана дипломатска поддршка на посредниците – САД, Египет и Ктара и во сите контакти и разговори за состојбите во регионот барала прекин на огнот и ослободување на заложниците.
- Европската Унија е подготвена да го поддржи спроведувањето на договорот, а исто така ќе ги ажурираме нашите планови за евентуално зајакнување на ЕУ БАМ Рафа (Мисијата на ЕУ за погранична помош на преминот Рафа), што ќе и овозможи на Мисијата на ЕУ подобро да ги советува и да им помога на палестинските гранични власти, рече Ел Ануни, додавајќи дека за да се случи тоа ќе биде потребна согласност на Палестинските автономни власти и на Израел, како и одлука на земјите членки на ЕУ.
Ел Ануни нагласи дека ЕУ ќе продолжи финансиски и политички да ги поддржува реформските напори на Палестинските автономни власти и најави дека утре високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас ќе се сретне со палестинскиот премиер Мохамад Мустафа за да разговара за идната соработка.
- Европската Унија е целосно посветена на праведен, сеопфатен и траен мир заснован на решението за држави - Израел и Палестина кои ќе егзистираат една покрај друга во мир и безбедност, додаде Ел Ануни.
Претходно со објави на Икс, постигнатиот договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците го поздравија и највисоките претставници на ЕУ.
- Се надевам дека овој договор ќе стави крај на страдањата на цивилите и дека оние кои се во заробеништво ќе можат повторно да се вратат кај своите најблиски, наведе претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта.
Според него, договорот треба да овозможи итен пристап до неопходната хуманитарна помош и да создаде услови за закрепнување и обнова на Газа.
- ЕУ останува посветена на сеопфатен, праведен и траен мир заснован на решението за две држави, додаде Кошта.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, оцени дека договорот че овозможи заложниците повторно да бидат со нивните најблиски, а хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.
- Ова носи надеж во целиот регион, каде што луѓето долго време трпеа огромно страдање. Двете страни мора целосно да го спроведат овој договор, како отскочна штица кон трајна стабилност во регионот и дипломатско решавање на конфликтот, потенцира Фон дер Лајен.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас истакна дека договорот претставува голем позитивен напредок кон ставање крај на насилството.
- Сега е време да се спроведе овој договор за сите заложници и нивните семејства, за луѓето од Газа и за луѓето од регионот, додаде Калас. сп/
Фото: Скриншот