Елена Пренџова: Тешко ми е да го блокирам слемерското влијание во мојот лиричен израз, поезијата треба да е поетична
- - Слемот е навистина интересен феномен. Како поезија од штиците наспроти поезија од страниците (мои преводи на термините stage poetry и page poetry), слемот е забавен и за слушање, па дури и за читање и пишување. Слем-поезијата бара умешност на стихот и поетските особености; се одликува со ритам, созвучие, но и однапред зададена должина на песната, па дури и мотивите и темите се пожелно активистички и општествено ангажирани - карактеристики што е потребно да се запазат за да може песната да се нарече слем.
Скопје, 10 јули 2026 (МИА)
Хатка СМАИЛОВИЌ
Верувам во поезијата, верувам во моќта на поезијата, верувам и во задоволството во читањето поезија. И во задоволството во читањето воопшто - вели поетесата и наша позната слемерка Елена Пренџова, авторка на десетина стихозбирки и на една книга есеи за поезијата.
Оваа дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност на УКИМ, магистерка по филолошки науки, учесничка на поетски фестивали, на настани за слем-поезија, организаторка на националниот натпревар за овој вид изведбена или урбана поезија, менторка на голем број работилници за креативно пишување, авторка на препеви и членка на Друштвото на писателите на Македонија, за себе вели дека е исклучиво лиричарка.
За неа, нелогично е што, иако во пократка форма и погодна за читање на разни места, поезијата не е толку популарна како во некои минати времиња заклучувајќи дека „живееме во прозаично општество со прозаични општествени промени и прозаична динамика“.
Сепак, вели во интервјуто за МИА, демократска слобода е да се избере дали ќе се чита поезија или проза сè додека изборот е - да се чита!
Пренџова е активна во слемот речиси две децении. За неа, тој е интересен феномен и тешко ѝ е да го блокира слемерското влијание во нејзиниот интимистички лиричен израз.
- Сметам дека тоа и не е така лошо затоа што убедена сум дека поезијата треба да е поетична, а не прозаична. За мене, прозаичната поезија е смрт за поезијата - вели Пренџова. Ги објасни и спецификите на слемот - општествено ангажиран, протестен и критичен, наменет првенствено за сцена и за слушање отколку за читање.
Во врска со плановите за нови изданија, таа рече дека оваа година ѝ е „лудо исполнета со творење“. Во интервјуто зборува и за искуството стекнато на неодамнешната книжевна резиденција во Швајцарија, која, рече, функционирала поинаку од другите резиденции и студиски престои на кои досега била. Во друштво на преведувачи од други земји нашата поетеса работела на препев од италијански на македонски јазик на „Паралели и меридијани“ - патопис во стихови од Лучила Трапацо, која содржи и неколку песни инспирирани од Македонија.
Неодамна се вративте од книжевна резиденција во Швајцарија, кој беше поводот и какво ново искуство стекнавте како авторка?
- Поминав две недели во Куќата за преведувач(к)и „Лорен“ во селото Вернетсхаузен во кантонот Цирих во Швајцарија, каде што истовремено престојувавме десетина преведувач(к)и од Швајцарија, Германија, Јапонија, Хрватска, Италија, Холандија... Сите работеа со разни комбинации на јазици. Повеќето беа реномирани преведувач(к)и со големо преведувачко искуство зад себе. На пример, преведувачот Јос Вос препејуваше јапонска поетеса од XIII век на холандски, а Швајцарката Ева Антоников ја преведуваше „Војна и мир“ од Толстој од руски на француски јазик, превод на кој работела две и пол години.

Во тој период јас бев единствената што преведуваше од италијански на македонски јазик, а преводот на кој работев, всушност, е препев на збирката поезија „Паралели и меридијани“ од Лучила Трапацо. Во план е книгата да се печати во Македонија в година како издание на издавачката куќа „Фуснота“ од Скопје. Збирката претставува патопис во стихови во кој се поместени песни за местата што Лучила ги посетила насекаде во светот. Во неа има и неколку песни посветени и инспирирани на убавините на Македонија, на пример, за Охридското Езеро, плоштадот „Македонија“ во Скопје и градовите Струга и Тетово. Инаку, Трапацо ѝ е добро позната на македонската јавност по нејзините учества на Струшките вечери на поезијата и на меѓународниот поетски фестивал „Денови на Наим“ во Тетово, а во 2023 година нејзината поетска збирка „Оксидиана“ беше препеана на македонски јазик од Маја Милевска-Кулевска и објавена од Здружението за наука и култура НОВА од Битола.
Мојот престој таму беше овозможен од страна на швајцарската фондација за култура „Про Хелвеција“, која им дава грантови на уметници и културни проекти за да се промовира швајцарското културно творештво во странство. Иако ова не е моја единствена преводна и писателска резиденција, сепак ова искуство за мене беше уникатно затоа што самата резиденција функционира поинаку од другите на кои сум била.
Во куќата „Лорен“ се живее во заедница, секој/а преведувач/ка си добива своја соба, а се користат заеднички простории, како библиотеки, работни соби и читалници и кујна. Во куќата има неколку библиотеки во кои може да се користат и книгите чии преводи настанале во неа. Библиотеките имаат огромен избор, вклучително и засебна просторија наменета специјално за речници од многу јазици и од разни области. Куќата е градена еколошки, користи соларни панели, има свој компост, дури и градината се одржува биолошки за да не се наруши микроекосистемот. Клима-уреди не се користат од еколошки и од естетски причини, разладувањето е исклучиво со вентилатори. Во зима има добро греење. Во куќата се наоѓаат и канцелариите на вработените, кои, замислете, се отворени и достапни за користење и за преведувач(к)ите резидент(к)и. Со нас престојува и домаќинката, односно менаџерката што ги одржува и куќата и градината и која еднаш неделно спрема заедничка вечера, на која сите се дружевме. Она што можеби најмногу ме одушеви е што секоја соба беше именувана по швајцарски автор(к)и. Мојата соба се викаше „Луиза Фамос“, именувана по една од најважните лиричарки на литература на реторомански јазик - еден од четирите официјални јазици во Швајцарија. Во секоја соба имаше книги од авторот/авторката по кој/а е наречена. Навистина нешто, можеби навидум мошне обично, но значајно за промоција на националната книжевност.
Ваша специјалност е слем-поезијата, многупати сте воделе менторски работилници за слем и за креативно пишување. Во што е посебноста на слемот, кој често ги има епитетите перформативна, алтернативна, урбана поезија...?
- Слемот е навистина интересен феномен. Како поезија од штиците наспроти поезија од страниците (мои преводи на термините stage poetry и page poetry), слемот е забавен и за слушање, па дури и за читање и пишување. Слем-поезијата бара умешност на стихот и поетските особености; се одликува со ритам, созвучие, но и однапред зададена должина на песната, па дури и мотивите и темите се пожелно активистички и општествено ангажирани - карактеристики што е потребно да се запазат за да може песната да се нарече слем.

Дефинитивно, станува збор за перформативна и урбана поезија. Слемот не е лиричен и интимистички, тој е општествено ангажиран, протестен и критичен. Наменет е првенствено за сцена и за слушање отколку за читање. Слемер(к)ите мора да умеат да ја изведуваат својата поезија. Ние правиме и гласовни вежби и вежби за присуство на сцена. Прашањата што ги мачат слемер(к)ите имаат длабокоопштествени корени. На пример, многу од европските слемер(к)и се и активист(к)и, особено жените се феминистки не само по убедување туку и по начинот на живеење. Лично, по речиси две децении активно учество во слемот, тешко ми е да го блокирам слемерското влијание во мојот интимистички лиричен израз, што сметам дека и не е толку лошо затоа што убедена сум дека поезијата треба да е поетична, а не прозаична. За мене, прозаичната поезија е смрт за поезијата.
Во 2016 година бевте национална претставничка на Европското слем-првенство, а од 2018 го организирате националниот слем-поетски натпревар, кој се одржува во октомври во Прилеп. Колкав е интересот кај нас за слем-настани и колку е развиена македонската слем-сцена во споредба со други книжевни средини?
- Македонија како земја се вклучи во Европската, а потоа и во Светската организација за слем-поезија уште од самите почетоци кога се формираа организациите. Ние сме рамноправна земја членка, која редовно си плаќа членарина. На Балканот, покрај Македонија, организирани национални слем-сцени имаат и Хрватска, Грција, Србија, Словенија и Романија, односно половината од дванаесетте балкански држави. Овој податок кажува многу за македонската слем-сцена: меѓу другото, дека е организирана, континуирана и дека постои голем интерес за неа во земјата.
На конкурсот за нашето национално слем-првенство секоја година се пријавуваат по повеќе од дваесетина изведувач(к)и од цела Македонија, а речиси половина од нив се „нови дечки“ во слемот. Пред неколку години имаме интернационални гости, на кои им оставаме целовечерен простор за изведба. На пример, лани гостуваше Кевин Амсе од Белгија, неколкугодишен финалист на Белгиското слем-првенство, кому му објавивме избор слем-поезија во препев на Ели Пујовска. Оваа година ќе ги претставиме слемерките Елијан Лусија Леонардо Бутелан и Наташа Сокр од Мозамбик, Африка. Од оваа година колегата соорганизатор Игор Трпчески воведува новина. Воведува две полуфинални вечери, кои ќе се одржат на почетокот на септември во Штип, во рамките на фестивалот „Вртешка“, и во Делчево, а тројцата финалисти од секое од овие полуфиналиња во октомври ќе се натпреваруваат на финалето во Прилеп заедно со другите пријавени. Минатогодишниот победник Виктор Спасески во ноември ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство во Виена. Оваа година славиме 16 години македонски слем. Да ни се множат!
Објавувате единствено поезија, последната стихозбирка „Еден маж и една жена (или како љубовта раздвојува светови)“ ја промовиравте пред точно една година. Подготвувате ли нешто ново набргу?
- Навистина, јас сум, пред сè, исклучиво лиричарка. Од десетина авторски книги, само една ми е збирка есеи, „Мини прирачник за поезија“, а по насловот се гледа дека и есеите ми се поврзани со поезијата. „Еден маж и една жена или како љубовта раздвојува светови. Интерактивна збирка поезија за креативно читање и креативно пишување“, сосе целиот долг наслов (јас љубам долги наслови), беше мојата прва поетска збирка во која, покрај поезија, вметнав и задачи за креативно пишување, но и задачи за креативно читање на глас (уште едно влијание од слемот!).

Оваа година ми е лудо исполнета со творење: за печат се подготвуваат авторската збирка хаику и хаига со задачи за креативно пишување, на македонски, српски и на англиски јазик, и магистерската теза за сонетот како форма и лирски жанр во македонската, италијанската и во англиската книжевна традиција, како и препевот на поетската збирка „Париз XXI“ од Јакопо Мељо, чиј превод се случи благодарение на резиденцијата во Рим што ја добив како грант на европската платформа за поддршка на културната мобилност „Калчр мувс Јуроп“. Промоцијата на збирката хаику и хаига ќе се одржи на 19 септември во Домот на културата „Кочо Рацин“ - Скопје, а набргу потоа ќе следува и промоцијата на научната монографија во просториите на Друштвото на писателите на Македонија. Прекрасно е кога инспирацијата не секнува!
Вие сте поетеса и препејувачка на поезија од други јазици - тешко ли е денес стихот да го најде патот до читателите со оглед на тоа што попопуларна и почитана е прозата?
- Живееме во прозаично општество со прозаични општествени промени и прозаична динамика. Векови претходно умешноста за пишување и рецитирање поезија се ценела рамо до рамо со умешноста да се свири клавир и онаа за салонско пеење, а не можело да се биде дипломат доколку првенствено не се биде поет. Не само во Европа, така било и во древна Кина. Денес, ниту популарната музика не обрнува внимание на текстовите, кои, всушност, и (треба да) се поезија. Заслушајте го текстот на некој стар хит од „Макфест“, на пример, чиста поезија. И потоа пуштете некој денешен хит. Ретко може да има споредба во поетичноста на текстот. За музиката не коментирам, за неа оставам да зборуваат стручните лица од областа.
Мојот пријател филмски режисер и графички дизајнер Дејан Џолев говори за поделбата во својата уметност на филмска уметност и филмска продукција. Според него, два сосема разни концепти. Истата поделба важи и за книжевноста: книжевна уметност и книжевна продукција. Меѓутоа, внимателно. Оваа поделба не е по жанрови, ниту по (не)поетичност. И прозата и поезијата може да бидат и уметност и продукција. Вредностите се естетски и квалитативни. Продукцијата секогаш и отсекогаш била и ќе биде (тековно) попопуларна од уметноста. И тоа е така во сите уметности.

Во однос на прозата и поезијата, има нешто што ми е нелогично: поезијата е пократка, па затоа и позгодна за читање на плажа, во автобус, на постојка; поетските изданија се дури и физички помали, та и позгодни за да се носат в џеб, на пример. Секако, има нешто во поезијата кога се чита, нешто екстра, нешто што во прозата го нема. Да не заборавиме и дека кога децата почнуваат да пишуваат креативно, првин почнуваат да пишуваат песнички, потоа состави. А и пред да почнат да се описменуваат, првин почнуваат да учат напамет песнички, да ги пеат и рецитираат, потоа да читаат лектири. Верувам во поезијата, верувам во моќта на поезијата, верувам и во задоволството во читањето поезија и во задоволството во читањето воопшто. Мислам дека е демократска слобода да се избере дали ќе се чита поезија или проза сè додека изборот е - да се чита! хс/паг
Фото: Фросина Насковиќ