• недела, 17 ноември 2024

ЕК: Политичкиот притисок врз судството и обвинителството во Србија се уште на високо ниво

ЕК: Политичкиот притисок врз судството и обвинителството во Србија се уште на високо ниво

Белград, 24 јули 2024 (МИА) - Се уште на високо ниво е политичкиот притисок врз судството и обвинителството во Србија, се вели во извештајот на Европската комисија за владеење на правото, во кој се изразува загриженост за безбедноста на новинарите во Србија, како и сомнеж за независноста на РЕМ и на јавните услуги, јави ТВ Н1.

Извештајот потсетува дека српскиот правосуден систем е подложен на суштински реформи во последните години. Спроведувањето на уставната реформа за зајакнување на независноста на судството, според Европската комисија, е во тек, а треба да следат измени на законите за нејзино спроведување.

Во извештајот се наведува и дека политичкиот притисок врз судството и обвинителството во Србија се уште е на високо ниво.

Се додава дека Србија се уште нема сеопфатен систем за управување со судовите што ги поврзува случаите преку судовите и обвинителствата. Позитивен тренд има и кога станува збор за ефикасноста во граѓанските, трговските и кривичните предмети, додека сериозни предизвици има кога станува збор за управните предмети и уставните жалби.

ЕК потсетува и дека Србија ја усвои Националната стратегија за борба против корупцијата за периодот 2023-2028 година, но дека придружниот Акциски план се уште е на чекање.

Србија, како што се наведува, има правна рамка за борба против корупцијата, но има недостатоци во практиката. Од ЕК велат дека е неопходно да се воспостави солидна евиденција на истраги, обвиненија и правосилни пресуди во случаите на корупција на високо ниво. Обвинителството за организиран криминал останува недоволно екипирано и постои ризик од политички мотивирано мешање во истрагите за корупција на високо ниво, се предупредува во извештајот на ЕК.

Недостатоци има и кога се во прашање имотните „книшки“ на функционерите и финансирањето на политичките партии. Регулативата за лобирање е ограничена по обем, а српското законодавство за заштита на укажувачите се уште не е усогласено со правото на ЕУ.

ЕК посочува дека јавните набавки во Србија се област со висок ризик од корупција, особено во однос на неколку случаи кои се изземени од Законот за јавни набавки.

Во извештајот на ЕК се потсетува дека законите за медиуми беа изменети во 2023 година со цел да се усогласат со acquis на ЕУ и европските стандарди. Сепак, потребни се дополнителни промени за целосна усогласеност, посочува ЕК.

Се нагласува дека Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) не го исполнува целосно својот мандат за заштита на медиумскиот плурализам и професионалните стандарди и постои сериозна загриженост за независноста на телото.

Исто така, се нагласува дека новинарите во Србија и понатаму се соочуваат со честото одбивање на институциите и функционерите да обелоденат информации од јавно значење или воопшто да не добиваат одговори од нив. Безбедноста на новинарите во Србија, се додава, сè уште е извор на загриженост бидејќи расте притисокот врз нив поради злоупотребата на поднесување тужби пред судовите.

Во извештајот, ЕК ја разгледува работата на српскиот Парламент, особено истакнувајќи ги неговите ограничувања кога станува збор за ефикасноста, автономијата, транспарентноста, донесувањето закони и надзорот на извршната власт. паг/
 

 
 
 

 

 

Остани поврзан