• петок, 22 ноември 2024

ЕК го поздрави договорот за Директивата на ЕУ за квалитет на амбиенталниот воздух 

ЕК го поздрави договорот за Директивата на ЕУ за квалитет на амбиенталниот воздух 

Брисел, 21 февруари 2024 (МИА) - Европската комисија денеска го поздрави привремениот политички договор постигнат доцна синоќа меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ за ревизија на Директива за квалитет на амбиенталниот воздух, јави дописникот на МИА од Брисел.  

- Откако ќе биде усвоен, новиот закон ќе ги постави стандардите за квалитет на воздухот во ЕУ за 2030 година согласно глобалните препораки на Светската здравствена организација (СЗО). Ова е важен чекор за подобро да го заштитиме нашето здравје и да одиме напред на патот кон нулто ниво на загадување на нашата животна средина до 2050 година, соопшти Еврокомисијата. 

Со ревидираната Директива за квалитет на амбиенталниот воздух, годишната дозволена максимална вредност за ситните честички ПМ2,5 е намалена за повеќе од половина, со што ЕУ ќе се продолжи по патот да постигнување нулто ниво на загадување на воздухот најдоцна до 2050 година согласно заложбите за климатска неутралност. 

- Националните и локалните власти ќе одредат конкретни мерки што ќе треба да ги преземат за исполнување на стандардите. Во исто време, значаен придонес во тој правец ќе дадат постојните и новите политики на ЕУ за животната средина, енергетиката, транспортот, земјоделството, истражувањето, развојот и други области, посочува ЕК.

Според Комисијата со овие измени, лицата кои се соочуваат со здравствени проблеми поради загадениот воздух ќе имаат право да бидат обесштетени во случај на кршење на правилата за квалитет на воздухот на ЕУ. Со измените, исто така, се обезбедува поголема јасност за можностите за пристапот до правдата, ефикасни казни и подобри јавни информации за квалитетот на воздухот. 

Министерот за климатски промени, животна средина, енергија и партиципативна демократија во Владата на Регионот на Брисел, Ален Марон, со овие измени ќе се придонесе за постигнување на амбицијата на ЕУ за нулто ниво на загадување до 2050 година и ќе се покаже дека здравјето на европските граѓани е приоритет на Унијата. 

- Новите правила драстично ќе го подобрат квалитетот на воздухот што ние го дишеме и ни помагаме ефикасно да се справиме со загадувањето на воздухот, со што ќе се намалат предвремените смртни случаи и ризиците поврзани со здравјето, додаде Марон. 

Со новите правила, максималните годишни вредности на честичките ПМ2,5 треба да се намалат од 25 на 10 микрограми на кубен метар, а на азот диоксидот од 40 на 20 микрограми на кубен метар. Дополнително се предвидува и намалување на максималните дозволени вредности на ПМ10 честичките, како и на сулфур диоксидот, бензопиренот, арсенот, оловото и никелот. 

Договорениот текст на директивата сега треба да биде одобрен и од Европскиот парламент и Советот на ЕУ. По нејзиното усвојување, таа ќе биде објавена на Службениот весник на ЕУ и ќе стапи во сила 20 дена подоцна. 

Емисијата на јаглерод диоксид во текот на оваа година ќе се намали за околу 2,6 милијарди тони, што претставува шест пати поголем пад отколку по светската економска криза во 2008-09 година и

Европската комисија ги предложи измените на Директива за квалитет на амбиенталниот воздух во октомври 2022 година, врз основа на заложбите за нулто ниво на загадување утврдени со Европскиот зелен договор. 

- Загадувањето на воздухот е најголемата еколошка закана за здравјето и водечка причина за хронични болести, вклучувајќи мозочен удар, рак и дијабетес. Загадувањето на воздухот и понатаму е еколошка причина број еден за предвремена смрт во ЕУ. Во овој поглед, најлоши загадувачи се ПМ честичките, азот диоксидот и озонот, посочува Европската комисија. 

Според официјалните податоци, како последица на загадувањето на воздухот во ЕУ се регистрираат околу 300.000 предвремени смртни случаи годишно и се развиваат значителен број незаразни болести, како што се астма, кардиоваскуларни проблеми и рак на белите дробови.  

- Загадениот воздух и штети на животната средина предизвикувајќи киселост, еутрофикација и оштетување на шумите, екосистемите и земјоделските култури. Денес, еутрофикацијата ги надминува критичните оптоварувања во две третини од екосистемските области низ ЕУ, што има значително влијание врз биолошката разновидност и услугите врз сите, посочува Европската комисија. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан