• петок, 22 ноември 2024

Екстремно десничарските лидери му се заканија на Нетанјаху дека ќе ја соборат владата доколку го прифати договорот за примирје

Екстремно десничарските лидери му се заканија на Нетанјаху дека ќе ја соборат владата доколку го прифати договорот за примирје

Тел Авив, 2 јуни 2024 (МИА) - Лидерите на двете ултрадесничарски партии во израелската Влада, министерот за финансии Безалел Смотрич и министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир синоќа се заканија дека ќе ја соборат владата доколку таа го прифати новопредложениот договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот, јави Бета.

И двајцата тврдат дека договорот ќе стави крај на војната, а клучната воена цел - уништување на Хамас, нема да се постигне и најавија дека ќе ги повлечат своите партии од коалицијата доколку биде прифатен, пренесоа израелските медиуми.

Религиозната ционистичка партија на Смотрич и Еврејската моќ на Бен Гвир (Отма Јехудит) освоија 14 парламентарни места кога се кандидираа заедно на изборите во 2022 година и се клучни за владејачкото мнозинство на коалицијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху од 64 пратеници во 120-члениот парламент.

Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид претходно вчера вети дека ќе се погрижи владата на Нетанјаху да не падне, но нема да го поддржи за други прашања.

Лапид, лидер на централната партија Има иднина (Јеш Атид), рече дека Израел мора да го прифати договорот сега „пред да умрат заложниците“.

Членот на воениот кабинет, лидерот на централнодесничарската партија Национална унија, Бени Ганц, повика кабинетот да се состане што е можно поскоро и да ги формулира чекорите што водат напред, а израелските медиуми јавуваат дека ова е навестување дека предлогот е веќе прифатен.

Ганц и се приклучи на коалицијата веднаш по нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и се закани дека ќе си замине доколку Нетанјаху не преземе серија стратешки чекори за војната до 8 јуни.

Меѓутоа, партијата на Ганц има само осум мандати и Нетанјаху може да ја задржи власта без него, но тој не може да го постигне тоа на долг рок без ултрадесничарите.

Во говорот од пред два дена американскиот претседател Џо Бајден го претстави новиот предлог на Израел за прекин на огнот и ослободување на заложниците што Катар во четвртокот му ги предаде на Хамас.

Американскиот лидер апелираше до Хамас да го прифати договорот и Владата на Израел да застане зад него.

Бајден рече дека понудата „ќе ги врати сите заложници дома, ќе ја обезбеди безбедноста на Израел и ќе создаде подобар ден по Газа без Хамас на власт и ќе го отвори патот за политичко решение кое обезбедува подобра иднина за Израел и Палестинците“, но не наведете како Хамас ќе биде соборен од властите. сд/

Остани поврзан