Едукативно предавање за сообраќајна безбедност со пензионери во Делчево
- На предавањето беше посочена важноста од одговорно учество во сообраќајот, ризиците од непочитување на правилата и последиците од сообраќајни незгоди. Посебен акцент беше ставен на користењето сигурносни појаси, почитување на ограничувањата на брзината, ризиците од управување под дејство на алкохол, прописното паркирање и користењето на бројот 112 во итни ситуации.
Делчево, 4 септември 2025 (МИА) - Во рамки на кампањата „Патуваме безбедно“ во организација на локалната самоуправа и делчевскиот Општински совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а во соработка со ОВР - Делчево, денеска беше одржано едукативно предавање за безбедност во сообраќајот со пензионерите од Здружението на пензионери - Делчево.
На предавањето беше посочена важноста од одговорно учество во сообраќајот, ризиците од непочитување на правилата и последиците од сообраќајни незгоди. Посебен акцент беше ставен на користењето сигурносни појаси, почитување на ограничувањата на брзината, ризиците од управување под дејство на алкохол, прописното паркирање и користењето на бројот 112 во итни ситуации.
Присутните добија и едукативни флаери, обезбедени од РСБСП и МВР.
- Според анализата на сообраќајните незгоди за 2024 година на подрачјето на Делчево, лицата над 65 години се ранлива категорија на учесници, при што две лица од оваа старосна група се здобиле со тешки телесни повреди, а четири со полесни повреди, беше кажано пред присутните од страна на организаторите на активноста.
Оваа активност е дел од мерките за унапредување на безбедноста на патиштата, предвидени во Стратегијата за безбедност на патиштата на Општина Делчево 2023-2027 година. вс/бд/
Фото: МИА