Едногласна остра осуда за нападот врз конвој на ОН во ДР Конго
- Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, и Европската Комисија на најостар начин го осудија денешниот напад врз конвојот на Обединетите нации, при што загина италијанскиот амбасадор, ја
Брисел, 22 февруари 2021 (МИА) - Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, и Европската Комисија на најостар начин го осудија денешниот напад врз конвојот на Обединетите нации, при што загина италијанскиот амбасадор, јави дописничката на МИА од Брисел.
Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, изјави дека е „шокиран“ од веста дека се усмртени неколку лица во овој напад, вклучително и италијанскиот амбасадор во Демократската Република Конго.
- Безбедноста и мирот мораат да бидат осигурани: ЕУ ќе остане на страна на ДР Конго и нејзиното население. Сочувство до семејството на амбасадорот, напиша Мишел на Твитер.
Портпаролите на Европската Комисија попладнево исто така изразија сочувство во име на институцијата.
- Ова е крајно загрижувачка состојба и од блиску следиме заедно со ЕУ делегацијата во ДР Конго, изјави Набила Масрали, портпаролка за надворешни работи.
Таа информираше дека случајот во овој момент се дискутира на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ, што се одржува денеска.
- Високиот претставник за надворешни работи го извести Советот за надворешни и го изрази своето сочувство до семејството, ОН и сите жртви на насилство во Конго, истакна Масрали. тм/ми/