• вторник, 16 декември 2025

Еврокомесарот Схинас упати честитка по повод еврејската Нова 5784 година  

Еврокомесарот Схинас упати честитка по повод еврејската Нова 5784 година  

Брисел, 15 септември 2023 (МИА) – Празниците како Рош Хашана служат како водич во нашите животи, ни даваат сила за тешките моменти и не потсетуваат да учиме од грешките и тие се време кога еврејскиот дух сите сме повикани да ги трансформираме нашите животи, нашите домови и нашите нации, порача потпретседателот на Европската комисија и еврокомесар за промоција на нашиот европски начин на живот, Маргаритис Схинас во честитката по повод почетокот на Новата 5784 година според Еврејскиот календар, што се чествува со празникот Рош Хашана, кој годинава трае од денеска на зајдисонце до залезот на Сонцето в недела. 

- Време е повторно да се обединиме и да пронајдеме инспирација едни од други и од минатите искуства, гледајќи како да обезбедиме безбедна и подобра иднина. Како Европејци, ние сме горди на нашите вредности за еднаквост, толеранција, правда, солидарност и недискриминација и на она што значи проектот на ЕУ – траен мир и безбедност, каде се спроведува владеењето на правото и се почитуваат правата на сите граѓани, наведува Схинас.  

Тој во пораката изразува задоволство од напредок во борбата против „злото на антисемитизмот“, преку спроведувањето на Стратегијата на ЕУ за борба против антисемитизмот.  

- Во нејзината двегодишна примена, од 100 иницијативи вклучени во Стратегија на ЕУ,  се спроведуваат речиси 70 и се усвоени многу стратегии на национално ниво. Ова е резултат на здружените напори и успешна соработка со земјите членки, еврејските заедници и граѓанските организации. Тоа е и резултат на засилената координација со нашите меѓународни партнери. Мојата посета на Израел во јуни, нашата засилена трансатлантска соработка и обновените напори во рамки на Обединетите нации ми даваат надеж дека борбата против антисемитизмот добива зголемено внимание на глобално ниво, додава еврокомесарот. 

Тој во честитката нагласува дека ЕУ е решена да работи на изградба на Европа ослободена од антисемитизам, како во дигиталната, така и во физичката сфера и каде што победата над дискриминацијата, предрасудите и конфликтите отвора нови перспективи и начини за славење на еврејскиот начин на живот во согласност со неговата култура и традиции.  

Схинас најави дека како една од многуте иницијативи на Стратегијата на ЕУ, ќе биде инициран проект „Европска мрежа на места каде што се случил Холокаустот“, што ќе ги поврзува локациите низ Европа каде се спроведувал Холокаустот и ќе ги нуди сите достапни онлајн релевантни информации поврзани со него.  

- Исто така, ширум Европа ќе изградиме мрежа на доверливи известувачи и проверувачи на факти, за да го идентификуваме антисемитскиот говор на омраза на интернет, да го пријавиме и да развиеме контра наративи, додава Схинас. 

Според него, Рош Хашана не е само на почетокот на новата година, туку насочува и кон секој ден од целата година во која ЕУ е решена да ја зајакне борбата против антисемитизмот, да донесе промени на предрасудите и да застане зад Евреите во Европа.

- Во име на Европската комисија, би сакал на сите да ви посакам, радосна и слатка Нова Година! На сите Евреи во Европската Унија и ширум светот кои се подготвуваат да ја прослават, им испраќам најтопли желби за здрава и мирна година, исполнета со повторно разгорена надеж. L’Shanah Tovah U’Metukah!, наведува Схинас во пораката. сп/јт/

Остани поврзан