• сабота, 09 ноември 2024

Евро-американска дипломатска петорка денеска во Приштина и Белград

Евро-американска дипломатска петорка денеска во Приштина и Белград

Приштина, 21 октомври 2023 (МИА) – Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, придружуван од пратеникот на американскиот претседател Џо Бајден за Западен Балкан, Габриел Ескобар и високите советници на лидерите на Германија, Франција и Италија, денеска ќе престојува во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Дипломатската петорка ќе биде примена во кабинетот на косовскиот премиер Албин Курти во 10 часот, а потоа ќе продолжат за Белград, каде што ќе се сретнат со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Како што е најавено, цел на посетата е да се постигне конкретен напредок во имплементацијата на Договорот на патот кон нормализација на односите меѓу двете држави и деескалација на состојбата по последните случувања во северно Косово.

Покрај Лајчак и Ескобар, делегацијата ја сочинуваат и Емануел Боне, советник за безбедност и надворешна политика на францускиот претседател Емануел Макрон, Јенс Плотнер, советник на германскиот канцелар Олаф Шолц и Франческо Таљо, советник на италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Последната средба меѓу Курти и Вучиќ се одржа на 14 септември годинава, на која страните не успеаја да се договорат за планот за редослед на имплементацијата на договорот, за што ЕУ ја посочи како виновна косовската страна.

Во меѓувреме, ЕУ продолжува да ги одржува казнените мерки кон Косово и размислува за воведување мерки против Србија, доколку се докаже нејзината поврзаност со терористичкиот  напад во Бањска на северот на Косово, на 24 септември, каде што беше убиен припадник на косовската полиција, а во судирите што уследија меѓу вооружената српска група и полицијата загинаа и тројца од напаѓачите. иа/паг/

Остани поврзан