• сабота, 27 април 2024

Друштвото на писателите на Македонија стана нов член на Европскиот писателски совет

Друштвото на писателите на Македонија стана нов член на Европскиот писателски совет

Скопје, 10 јули 2023

Европскиот писателски совет (EWC), најголема европска федерација на писателски асоцијации со седиште во Брисел, годинава на 4 јуни во Берлин одржа Генерално собрание на кое едногласно беа примени 5 нови членки – писателски асоцијации од различни европски земји:

-          Друштво на писателите на Македонија, Македонија;

-          IG Autorinnen und Autoren, Австрија;

-          SNAC Националната асоцијација на автори и композитори, Франција;

-          DSF Дански автори на фикција и поезија, Данска;

-          La Scam Société civile des auteurs multimedia, Франција.

Овој историски успех на Друштвото на писателите на Македонија подразбира отворање можности за различни форми на соработка со 160.000 писатели и преведувачи од 46 европски национални организации на писатели и преведувачи во 30 земји, вклучувајќи ги земјите од ЕУ, но и други европски земји.

Во име на Друштвото на писателите на Македонија се обрати македонскиот писател м-р Стефан Марковски.

„Од самото формирање на 13.02.1947 година, Друштвото на писателите на Македонија и неговите членови се во самиот епицентар на книжевните манифестации, инкорпорирајќи го основањето, но и тековните активности на меѓународните литературни фестивали, како што се Струшките вечери на поезијата, Рациновите средби, Празник на липите и другите книжевни настани. Друштвото ја промовираше широко распространетата и континуирано развојна употреба на македонскиот јазик во сите литературни жанрови веднаш по неговата официјална кодификација, врз основа на идеите на Крсте Петков Мисирков, активности со сопствен придонес кон меѓународното признавање на македонскиот јазик на Третата Конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година“, истакнува Марковски.

Обраќањето на Марковски по повод влезот на Друштвото на писателите на Македонија во Европскиот писателски совет е достапно на веб-сајтот на Европскиот писателски совет.


Фото: ДПМ

Друштво на писателите на Македонија (ДПМ)

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Тагови

Остани поврзан