• недела, 22 декември 2024

Државниот јавен обвинител ги отфрла обвинувањата дека вршел притисок врз виш јавен обвинител

Државниот јавен обвинител ги отфрла обвинувањата дека вршел притисок врз виш јавен обвинител

Скопје, 21 октомври 2024 (МИА) - Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ги отфрла, како што вели, неоснованите тврдења за наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје.

– Од позиција на државен Јавен обвинител имав обврска, првпат после повеќе од четири години да извршам надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, бидејќи до мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството. Овие пријави се доставени и до Советот на јавните обвинители, наводите се документирани и имам обврска да ги проверам. Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по започнување на контролата, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи!, вели Коцевски во реакцијата.

Додава дека кога ја презел функцијата јавен обвинител дал заклетва дека функцијата ќе ја врши чесно и одговорно и дека тоа и ќе го направи. Најавува дека сите сознанија до кои ќе дојде по извршената контрола ќе ги објави веднаш по завршување на соодветните постапки предвидени во Законот за јавното обвинителство.

– До крајот на овој месец контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК. За сите контроли задолжени се јавните обвинители од републичкото обвинителство распоредени како координатори за соодветните обвинителства со редовен годишен распоред. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение. Затоа очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лица кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон додека граѓаните очекувале правда, стои во демантот на Коцевски.

Вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи во изјава за Канал 5 тврди дека Коцевски директно му посочил да внимава како ќе се постапува со предмет поврзан со политичката партија ВМРО – ДПМНЕ. бак/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан