• петок, 22 ноември 2024

Драмски театар Скопје со „Хеда Габлер“ гостува на фестивалот РУТА во Сараево

Драмски театар Скопје со „Хеда Габлер“ гостува на фестивалот РУТА во Сараево

Скопје, 23 мај 2024 (МИА) - Драмски театар од Скопје со претставата „Хеда Габлер“ на 27 мај гостува во Сараево, каде од 24 до 29 мај во организација на Камерни театар 55 се одржува босанскохерцеговското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.

Како што соопштуваат од Драмски, премиерата на „Хеда Габлер“ се одржа на 20 април, а гостувањето во Сараево ќе биде петта изведба и прво гостување на претставата во странство.

„Хеда Габлер“ е работена по текст на авторот Хенрик Ибзен. Режисер и сценограф на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова – Петровска и Васил Христов, а костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.

Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман - Сања Арсовска, Судијата Брак - Зоран Љутков, Јерген Тесман - Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг - Дениз Абдула и ликот на Теа Тесман го игра актерката Сара Климоска.

Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата истакнува дека во 1890 година Ибзен ја скандализирал театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајќи уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми.

-Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост, наведува Христов.

Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“ , низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвора можности внатре во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат.

-Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално - етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество, смета режисерот Васил Христов. вг/

Фото: Драмски театар

 

 

 

Остани поврзан