• недела, 22 декември 2024

„Драма за принцезите“ нова претстава во Драмски театар

„Драма за принцезите“ нова претстава во Драмски театар

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Драмски театар Скопје сезоната ја започнува со подготовките на претставата „Драма за принцезите“, која е последната претстава за 2024 година што театарот ќе ја реализира согласно Годишната програма одобрена од Министерството за култура и туризам.

-Претставата „Драма за принцезите“ се работи по текстот „Девојката и смртта“ I-V на австриската писателка и драматург Елфиде Јелинек. Таа е една од најодликуваните авторки кои пишуваат на германски јазик и ја добила Нобеловата награда за литература во 2004 година за нејзиниот „музички тек на гласови и контра-гласови во романи и драми кои, со извонредна лингвистичка ревност, ја откриваат апсурдноста на општествените клишеа и нивната потчинувачка моќ“, информираат од денеска од Драмски театар Скопје.

Тимот од Словенија го сочинуваат режисерката Жива Бизовичар, драматургот Ник Жнидрашиќ и сценографот Јан Кремељ. Костимографијата му е доверена на македонскиот дизајнер Александар Ношпал.

Предизвикот во претставата е замислата на младата режисерка Жива Бизовичар сите осум лика во претставата да се играат од женскиот дел на актерскиот ансамбал при Драмски театар. 

Жива Бизовичар (1998) работи како театарски и радио режисер. Дипломирала на Академијата за театар, радио, филм и телевизија, програма за театарска и радио режија во Љубљана и моментално ја посетува магистерската програма. Нејзините студиски продукции беа изведени на  фестивалот „Борштникови средби“ и „Фестивалот на култура Костањевица“. Ја добила студентската „Прешеренова награда “ за режија за претставата „Јагабаба“ на Зајчев. Како ментор и режисер работела со Младинската сцена на АМО во Нова Горица, а редовно работи и со РТВ Словенија. Како дел од проектот „Чекајќи го Супермен“, ја режирала претставата „Жени на тест“, за која ја добила наградата „Шелиг на неделата“ на словенечката драма, наградата на Друштвото на театарски критичари и театролози од Словенија и наградата  „Борштник“ за холистички пристап кон обработката на материјалите.

Од Драмски театар Скопје соопштуваат дека премиерата на претставата ќе биде реализирана согласно планираниот термин во средината на месец ноември. дма/

Фото: Драмски театар Скопје

 

 

 

Со почит,

Драмски театар Скопје

Остани поврзан