• понеделник, 23 декември 2024

До петок ќе биде изготвена есенската потрошувачка кошница, се прават симулации за ограничување на цените или маржите

До петок ќе биде изготвена есенската потрошувачка кошница, се прават симулации за ограничување на цените или маржите

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - До петок треба да биде изготвена есенската потрошувачка кошница со околу 100 прехранбени производи, јавува МИА. Работната група во која има членови од министерствата за економија, земјоделство и финансии, ќе направи симулација за ограничување на цените или на маржите. 

- Значи ќе се направат пресметки со намалување на маржите на 5, 10 или 15 проценти на трговија на мало или замрзнување на цените на одредено ниво. Симулацијата треба да даде информација кое ќе биде најповолното решение за крајните цени за потрошувачите и какви ќе бидат фискалните импликации од оваа мерка, вели во изјава за МИА министерот за економија Бесар Дурмиши.

Предлогот и симулацијата на есенската потрошувачка кошница, како што посочува Дурмиши, ќе биде доставена до Владата на следната седница и ќе се донесе одлука за намалување на цените на овие основни прехранбени производи за крајните потрошувачи.

- Нашата цел е да им излеземе во пресрет на граѓаните се со цел да има  подобрување на животниот стандард. Исто така сакам да кажам дека оваа есенска потрошувачка кошница во наредниот период ќе продолжи да се применува во вид на божиќна потрошувачка кошница, рамазанска потрошувачка кошница, велигденска потрошувачка кошница со измена на листата на производи кои ќе бидат опфатени во зависност од периодот во кој ќе се применува, вели Дурмиши.

И премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција потврди дека се подготвува есенска кошничка со производи кои граѓаните најмногу ги употребуваат.

Во однос на Законот за нефер трговски практики, министерот Дурмиши вели дека овој закон останува на сила и дека рабатот и дополнителните трошоци од листата на 2.548 тарифни броеви на земјоделски и прехранбени производи во трговија на мало и трговија на големо ќе бидат ограничени на 10 проценти почнувајќи од 28 септември. бак/ев/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан