Дополнителната заменик министерка за финансии Петрова на средба со компании од Куманово
- Дополнителната заменик министерка за финансии во техничката Влада Елена Петрова денеска имаше средба со претставници на компании од Куманово од различни сектори за да се запознае со потребите и предизвиците на реалниот сектор.
Куманово, 15 февруари 2024 (МИА) - Дополнителната заменик министерка за финансии во техничката Влада Елена Петрова денеска имаше средба со претставници на компании од Куманово од различни сектори за да се запознае со потребите и предизвиците на реалниот сектор.
Во изјавата за медиумите на градскиот плоштад, Петрова рече дека се сретнала со претставници на компаниите за метални и челични конструкции „Стилкон“, „Бучен Козјак“, земјоделската задруга „Агростарт“ и фабриката за производство на пченица Клечовце.
- Првиот впечаток од посетите и разговорите со претставниците од бизнис заедницата е дека секаде постои едно големо разочарување, искази дека работите во економијата одат на полошо. Но, од друга страна кај сите постои волја да инвестираат во проширување на капацитетите, што одговара на концептот на ВМРО ДПМНЕ со поддршка на бизнис секторот да ја развиваме домашната економија, да обезбедиме одржлив економски развој, се со цел за подобрување на животниот стандард на граѓаните, рече Петрова.
Во однос на инвестициите, таа информираше дека компаниите посочиле дека имаат предизвик при инвестиции, при реализација на инвестициони проекти, бидејќи посочи Петрова наидувале на административни пречки, неконсолидираност на институциите што ги одолговлекува процесите за спроведување на инвестициите и проширувањето на нивните капацитети. Заменик министерката во техничката Влада, кажа дека компаниите посочиле дека промените во даночната политика од минатата година им создавале дополнителни трошоци во делот на мерките за мотивирање и задржување на работната сила што, посочи таа е насушна потреба за проширување на капацитетите и бизнисите за да може да се развиеме домашната економија.
- Како проблеми, пречки беа напоменати, нарушување на слободната конкуренција и нефер практиките кои произлегоа од мерките за сузбивање на инфлацијата, потребата да има подобра инфраструктура во руралните области, бидејќи компаниите се надвор од урбано подрачје, потреба за постоење подобра финансиска дисциплина помеѓу економските оператори, изложеноста на проблемите кои произлегуваат од тешкотиите да се регулираат должничко- доверителските односи, па се до постоење на сива економија и други субјекти кои иако се влезени во регуларниот тек, сепак работат како фантоми со блокирани сметки, со непостоење на фискални апарати за регистрирање на готовински промет, кои на некој начин се изземени од казнената политика, бидејќи не функционираат регуларно, рече Петрова.
Таа нагласи дека е добро што се информирани за предизвиците со кои се соочуваат компаниите, за како што нагласи да креираат мерки, политики за поддршка на бизнис секторот, за раст на економијата, преку поддршка на инвестициите, извозот, обезбедување фер услови. ам/ев/
Фото: МИА