• понеделник, 23 декември 2024

Договорот од Преспа во предизборната кампања во Грција за евроизборите

Договорот од Преспа во предизборната кампања во Грција за евроизборите

Атина, 8 јуни 2024 (МИА) – За разлика до ланските парламентарни избори во Грција, кога Договорот од Преспа и односите меѓу Скопје и Атина воопшто не беа на агендата во предизборната кампања на грчките партии, овој пат, во пресрет на евроизборите, решението меѓу двете земји, „влета“ (непланирано) по инаугурацијата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, јави дописничката на МИА од Атина. 

Поскапувањето на цените, имотната состојба на лидерот на СИРИЗА, железничката несреќа кај Темпи, беа дел од главните теми во предизборната кампања што заврши вчера, а климата во Грција дополнително се „вжешти“ откако и Договорот од Преспа се најде на агендата. 

Со оглед на тоа што инаугурацијата на претседателката Сиљановска Давкова на 12 мај, беше во период кога започнуваше кампањата, употребата на името Македонија и Договорот од Преспа најмалку три седмици беа актуелна тема во Грција, на која во низа интервјуа и говори се осврнаа и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и лидерот на опозициската СИРИЗА Стефанос Каселакис кои повикаа на почитување.

Како што анализираше МИА, речиси во сите интервјуа, без разлика дали е телевизија, радио, весник или портал, новинарите го прашуваа Мицотакис за ставот на официјална Атина, во однос на, како што најчесто споменуваа, „провокациите од Скопје“, а грчкиот премиер одговараше детално, ставајќи го акцентот на Договорот од Преспа, важноста целосно да се почитува, вклучително и ерга омнес името, но и испраќајќи порака дека ЕУ перспективата на Скопје поминува низ Атина. 

Договорот од Преспа се најде и на предизборните митинзи на Мицотакис, особено на оние во северна Грција, во грчката област Македонија: во Лерин, во Козани, во Солун, каде што грчкиот премиер посетуваше дека Нова демократија беше против Договорот, кој сега „не може да се промени, да се искине или да се смени со закон и член, бидејќи е меѓународен договор“, а при обраќањето на Генералното собрание на Асоцијацијата на грчки извозници ја актуализираше и трговската ознака „Macedonia the Great“ како „моќно средство на економската дипломатија“. 

За време на синоќешниот централен митинг во Атина, на плоштадот Синтагма, пред грчкиот Парламент, што воедно беше и последниот во предизборната кампања, Мицотакис го повтори истото она што го порача и од собирот во Солун во средата, дека „патот како на Скопје, така и Тирана кон Брисел неопходно поминува низ Атина, а единствено почитувањето на меѓународната законитост и на договорите може да даде зелено светло“.

Грчкиот премиер упатуваше порака и до мандатарот Христијан Мицкоски дека од него очекува штом положи заклетва, „да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон земјата“.

-Кога некој е избран за премиер, не постои индивидуален статус на премиер. Премиерот е институционално тело. Говори претставувајќи ја неговата земја. Значи, не е замисливо да вели дека „индивидуално се идентификувам како Македонец и ќе ја користам оваа терминологија, но официјално името на мојата земја е Северна Македонија“. Тоа не се сериозни работи. Ги очекувам официјалните изјави на премиерот, рече Мицотакис во четвртокот.

Пред три седмици, во обраќањето на Генералното собрание на Асоцијацијата на грчки извозници, потсети на трговската ознака „Macedonia the Great“ за грчките производи промовирана во 2019 година, токму од конкретната Асоцијација и порача дека грчката дипломатска реакција „треба да биде придружена и со трговски контранапад“, посочувајќи дека „македонската ознака во моменталните околности станува моќно средство на економската дипломатија“. 

-Навистина ми е жал кога слушам врвни грчки производители на вино во нашата земја да ни кажуваат дека постојат вина што се појавуваат како македонски и некои клиенти од странство кога говорат за македонски вина да ја имаат на ум Северна Македонија, рече грчкиот премиер.

Од друга страна, новиот претседател на СИРИЗА Стефанос Каселакис, кој додека беа во тек преговорите за името и кога беше потпишан Договорот од Преспа, не беше воопшто инволвиран во политиката со оглед на тоа што живееше во САД каде што имаше свој бизнис, за односите со нашата земја се фокусира на ставот на Нова демократија во периодот кога беше опозиција и не го поддржуваше решението меѓу двете земји. 

-Ако Владата и премиерот сметаат дека е штетен Договорот, нека одат кај ВМРО да се договорат за корисен договор, истакна Каселакис во интервјуто за ЕРТ минатата седмица. 

Истиот став го изрази и за време на првиот предизборен митинг во Солун, кога рече дека испраќа „јасна и едноставна порака до грчкиот премиер“ дека Договорот од Преспа е билатерален и ако продолжи да смета дека е предавнички, да го стори она што го кажуваа претставниците на Нова демократија - „Ако ВМРО ни даде шанса, ќе го поништиме договорот“. 

Ако сметате дека Договорот од Преспа е предавнички, еве Ви шанса да го поништите, но нема да го сторите тоа, бидејќи Договорот е она што го посакувавте како партија, му порача лидерот на СИРИ

Во пресрет на прес-конференцијата на Мицотакис во неделата, лидерот на СИРИЗА преку социјалните мрежи му постави седум прашања на Мицотакис за различни теми, меѓу кои и за учеството на ВМРО на изборите под името „Твоја Македонија“. 

– Што направи кога ВМРО, која исто како и НД ѝ припаѓа на Европската народна партија, на изборите во Северна Македонија учествуваше со коалицијата на партии под името „Наша Македонија“? Го покрена прашањето пред некој од неговите соговорници? Испрати некое писмо до господинот Вебер, госпоѓата фон дер Лајен или молчеше пред провокацијата?, го праша Каселакис меѓу другото Мицотакис. 

Лидерот на СИРИЗА во неговите говори повеќе акцентот го ставаше на внатрешно-политичката ситуација во земјата и актуелните домашни проблеми. 

Трите меморандуми што сè уште не се ратификувани во грчкиот Парламент беа уште една во низата теми за препукување меѓу власта и опозицијата во Грција. 

Владата смета дека се „преговарачко оружје“ за Грција, од кое земјата не смее да се откаже, а опозициската СИРИЗА го поддржува ставот дека изгласувањето на меморандумите ќе ја унапредеше соработката, но и дека тоа што не се ратификувани им штета на интересите на земјата. 

Во облик на предлог закони, како што и најави вчера, грчката опозициска партија СИРИЗА, во Парламентот ги достави меморандумите со Северна Македонија, донесени по втор пат, откако еднаш веќе

СИРИЗА од истите причини на средината на мај одново ги донесе во Парламентот, како нови предлог закони. 

Според лидерот на партијата „протоколите се позитивни за Грција и од геополитички причини и од економски-развојни причини и добро е да се ратификуваат“, додека претседателот на пратеничката група на СИРИЗА при доставувањето рече дека „Мицотакис, наместо да го промовира Договорот, се залага за одржување на рамнотежата во внатрешноста на владејачката партија“. 

Од Владата пак, јасно порачаа дека „во овие околности меморандумите нема да се ратификуваат во грчкиот Парламент“. 

Мицотакис во едно од интервјуата посочи дека ги следеле политичките случувања кај нас, гледале дека доаѓа нова Влада и го читале тоа што се кажуваше и затоа, како што објасни, избрале да не ги ратификуваат меморандумите, но и дека не планираат да го сторат тоа „сè додека не се апсолутно убедени дека другата страна е усогласена со сите одредби на Договорот од Преспа“.

Надворешната политика, односно т.н. национални прашања веројатно влегоа во предизборната кампања и од внатрешно-политички причини, со оглед на тоа што постојат партии подесничарски од Нова демократија, кои според аналитичарите во Грција, се борат за глас повеќе и од гласачите на владејачката партија особено во северниот дел од земјата. 

Една од тие партии е и радикално десничарската Грчко решение на Кирјакос Велопулос, која за разлика од ланските парламентарни избори кога доби 4,44 отсто од гласовите, сега котира многу повисоко, борејќи се за четвртата позиција со рејтинг од над седум проценти, согласно истражувањата на јавното мислење. 

Ова е Договорот од Преспа. Ако постоеше кредибилна, национална, патриотска, општествена, народна грчка Влада ќе го стореше ова, рече лидерот на десничарско-националистичка партија Грчко решен

Ставот на Велопулос е дека „Македонија е една и е грчка“, не го признава Договорот од Преспа и бара да се поништи, а во рамките на неговата политика, на средината на мај, за време на расправа во Парламентот, на сосема друга тема, од собраниската говорница го извади документот со Договорот од Преспа, рече дека ако Владата не може да го стори тоа, ќе го сторат тие и го скина листот. 

За конкретната постапка, Мицотакис во едно од интервјуата рече дека не сака да ги коментира „патриотските испади на Велопулос, кој има направено кариера врз овие прашања“ и истакна дека граѓаните сфаќаат што значи „одговорен патриотизам и кои се патриоти во пракса“.

Во однос на тоа дали со актуализирањето на Договорот од Преспа, конкретната тема ќе игра улога во резултати, иако станува збор за европски, а не за парламентарни избори, дописничката на МИА од Атина, пред десет дена, побара одговор од портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, кој посочи дека „одговорот е субјективен и се однесува на секој гласач посебно“, врз основа на кои критериуми граѓаните ќе гласаат и додаде дека тие како Влада се задржале на теми со европска димензија. 

-Но, има и актуелни прашања, дали од надворешната или внатрешната политика, кои ги засегаат граѓаните. Прашањето кое го споменавте не влезе во предизборната агенда од Владата. Владата, како што имаше обврска, реагираше на неприфатливото, историски погрешното и спротивното на билатерално договореното и изгласано од двете земји, како што е наведено во Договорот од Преспа, рече Маринакис на редовниот брифинг со новинарите. 

Владата на Кирјакос Мицотакис, исто како и во претходниот мандат така и сега, ќе продолжи да ги брани националните интереси, без најмала отстапка на сите нивоа, рече, меѓу другото, новиот вла

За пораките од Грција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во средата коментираше дека негова претпоставка е дека „хистеријата што се случува кај нашиот јужен сосед веројатно е дел од нивната предизборна кампања“. 

Предизборниот период во Грција заврши, а Грците утре ќе ги одберат нивните претставници во Европскиот Парламент. 

Сања Ристовска

Остани поврзан