• недела, 22 декември 2024

Доверливи британски воени документи пронајдени на автобуска станица во Кент

Доверливи британски воени документи пронајдени на автобуска станица во Кент
Лондон, 27 јуни 2021 (МИА) - Доверливи документи од Министерството за одбрана, кои содржат детали за разорувачот на британската кралска морнарица и војската на таа земја, се пронајдени на автобуската станица во Кент. Во една група документи се разгледува веројатната руска реакција на премин на британски брод низ украинските води, недалеку од брегот на Крим, пренесува Би-Би-Си. Во друга група документи се изложени детали од планот за можен воен ангажман на британската војска во Авганистан, бидејќи НАТО, предводен од САД, ги завршува своите операции во таа земја. Владата соопшти дека е покрената истрага. Портпарол на Министерството за одбрана рече дека еден вработен пријавил дека изгубил чувствителни документи, додавајќи дека не би било соодветно да коментира понатаму. Документите, кои содржат околу 50 страници, беа пронајдени во вторникот наутро, како наводенето купче хартија во задниот дел на автобуска станица во Кент, Лице, кое побарало да остане анонимно, ја контактирало Би-Би-Си, кога ја сфатил чувствителната природа на документите. Би-Би-Си верува дека документите, кои вклучуваат е-пошта и презентации во PowerPoint, доаѓаат од канцеларијата на висок службеник во Министерството за одбрана. Документите во врска со разорувачот на британската кралска морнарица покажуваат дека мисијата, која Министерството за одбрана ја опиша како „невин премин низ украинските територијални води“, со оружје кое било покриено и бродски хеликоптер складиран во хангарот, била извршена во очекување дека Русија може агресивно да одговори. Во средата, повеќе од 20 руски авиони и два брода на крајбрежната стража го опкружија британскиот воен брод, кој пловеше на 19 километри од брегот на Крим. Руското Министерство за одбрана соопшти дека патролен брод испукал предупредувачки истрели, а авионот фрлил бомби на патот на разурнувачот, но британската влада го демантираше ова, наведувајќи дека не биле испукани предупредувачки истрели. Мисијата, наречена „Оп Дитроите“, била предмет на дискусии на високо ниво во понеделникот навечер, според откриените документи, во кои официјални лица претпоставуваат каква би била реакцијата на Русија доколку британскиот разорувач се приближи до Крим. Споменати се три можни руски одговори - од „безбеден и професионален“ до „ниту безбеден ниту професионален“. Откриените документи покажаа, според Би-Би-Си, дека мисијата кај Крим требало да покаже поддршка од британската влада за Украина, и покрај можните ризици. ссм/

Остани поврзан