• понеделник, 23 декември 2024

ДКСК ќе ѝ предложи на Владата да ја преиспита одлуката за управување со земјиштето кај автокампот Градиште

ДКСК ќе ѝ предложи на Владата да ја преиспита одлуката за управување со земјиштето кај автокампот Градиште
Скопје, 25 октомври 2022 (МИА) – ДКСК ќе ѝ предложи на Владата да ја преиспита одлуката од 1997 година со која е овозможено со државно земјоделско земјиште кај охридско Градиште да управува АД „Горица“ и за тоа да добива приходи со изнајмување на просторот за камп-приколки. Во меѓувреме е  променета сопственичката структура т.е. компанијата е приватизирана,  но и натаму го користи правото, а не дава никаков надомест на државата. Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска денеска на седница на Комисијата рече дека во времето кога е донесена владината одлука и до 2002,  АД „Горица“ била во државна сопственост, односно била распродадена по број на акции на Агенцијата за приватизација, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и на Министерството за финансии, а од 2002 имотот односно акциите ги отуѓувале. Се работи и за спорно земјиште за кој се води процес за денационализација. ДКСК има предмет  по пријава на подносител кој смета дека незаконско и намерно се одолговлекува процесот за денационализација на земјиштето кај автокампот Градиште, за што барањето е поднесено во  2007, а просторот во меѓувреме се изнајмува за кампирање. Ивановска рече дека со одлуката за распределба на земјиштето на комплексот „Горица Охрид“, која од Владата е донесена на 16 јуни 1997, било дадено на трајно користење спорното земјиште во период кога „Инекс Горица“ („Инекс Олгица“), сѐ уште била фирма во државна сопственост. - Но, по приватизирањето на Друштвото, продолжило да има корисничко право на земјиштето и да го изнајмува на други правни лица врз основа на соодветни договори и притоа да прибавува имотна корист. ДКСК констатира дека треба да се достави препорака до Владата со цел да ја преиспита донесената одлука од 1997 заради утврдување на правото на користење на земјиштето на Друштвото кое веќе преминало во приватна сопственост. Повикувајќи се на одлуката донесена во период кога била во државна сопственост, сѐ уште располага со истиот имот, рече Ивановска. Во однос на сомнежот на пријавителот дека денационализацијата се одолговлекува намерно и дека утврдениот надомест не е соодветен на вистинската вредност на земјиштето на таа локација, ДКСК по направен увид во документација утврдила дека нема потврда за наводите, нема елементи за натамошно постапување и дека за случајот се во тек постапки пред други надлежни органи. Антикорупциската комисија на седницата одлучи да поднесе иницијатива до Обвинителството за кривично гонење на поранешен директор на јавно претпријатие кој на вработените им исплатил регрес за годишен одмор за време на Локалните избори минатата година. ДКСК ги проверила наводите на подносителот на пријавата и утврдила дека тие се точни – поранешниот директор по сопствена одлука, без одобрение од општината, им исплатил додаток за регрес на вработените во јавното претпријатие на 25 октомври 2021. Според Комисијата, со Законот за спречување корупција не се признаваат еднократни износи за време на избори и дека е повреден Изборниот законик за што следуваат санкции. -Се работи за чисто самоволие на директорот што може да се третира како влијание на избори за добивање гласови, констатираше ДКСК која за случајот ќе поднесе иницијатива до соодветно Обвинителство. Антикорупциска комисија ја запре постапката за предмет против в.д. директорот на Водовод и канализација-Скопје кој, според поднесена пријава, кога бил назначен од градоначалничката на Скопје, воедно бил и член на Управен одбор во ЈП Улици и патишта –Скопје, што е спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси. Откако се собрани информации од Град Скопје, констатирано е дека в.д. директорот на Водовод и канализација-Скопје на негово барање бил разрешен од членство во УО на ЈП  Улици и патишта  на 13 септември 2022, односно следниот ден откако бил поставен на директорката функција. -Нема повреда на член 44 став 4 од Закон за спречување на корупција, постапката се запира, соопшти ДКСК на седницата. хс/са/    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан