• понеделник, 23 декември 2024

Димитриевски од Прилеп: На Македонија и треба трета опција и претседател од народот

Димитриевски од Прилеп: На Македонија и треба трета опција и претседател од народот

Прилеп, 13 април 2024 (МИА) - Се залагаме да ги менуваме сите суштински работи, зашто Македонија 30 години е во кружен тек од двете големи партии со уште посиромашен народ и со политичка елита која троши граѓански пари. Нам ни треба трета опција и претседател од народот кој ќе работи за народот, рече пред прилепчани вечерва Максим Димитриевски, претседателски кандидат на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија. Димитриевски пораките ги испрати од центарот на Прилеп, пред платото кај Градскиот саат.

-Се залагаме да ги менуваме сите суштински процеси. Недозволиво е Македонија да биде мултиетничка држава како што некои ја нарекуваат. Македонија треба да гради мултиетничко општество на македонскиот народ и на сите граѓани кои живеат во неа, вклучувајќи ги притоа: Албанците, Турците, Ромите,  Власите, Србите, Бошњаците и сите останати. Во оваа држава има место за сите, но притоа треба да се знае: доколку зависеше  оваа држава и нејзината независност од желбата на сите што се околу нас, ние денеска немаше да имаме своја и независна држава. Во последните 30 години со багер се урива сето по ред и ништо ново не е создадено. Се менуваат едните со другите, младите си заминуваат, Македонија старее, а ние остануваме без идеја и без можност за натамошен развој. Затоа сметам дека беше потребно да се формира едно ново движење од граѓаните, како што е звижењето ЗНАМ, рече Димитриевски.

За Димитриевски, овие избори се суштинските за тоа каде понатаму, како и на кој начин ќе се движи Македонија, дали ќе останеме свои на своето или ќе се дораспродаде тоа нешто што останало од Македонија. Димитриески порача дека како татко на нацијата нема да дозволи Македонецот да биде граѓанин од втор ред.

-Јас не сакам и ниту некогаш ќе дозволам од позицијата татко на нацијата и претседател на Македонија, македонецот да биде граѓанин од втор ред во својата држава. Но, уште помалку ќе дозволам некојси од ДУИ или кој било друг да ги користи како приврзок политичките субјекти од македонскиот естабилишмент и во секој момент да се пазари за нивните интереси кои се теснопартиско поврзани и да ги гази секојдневно националните и државните интереси. Јас не сакам да плаќам данок на држава и да го гледам како Артан Груби игра фудбал во неговиот кабинет во паралелната Влада што ја има формирано во Скопје, притоа целата власт и опозицијата да молчат. А не сакам да гледам и како во тие државни кабинети кои се финансираат од наши пари и се пеат песни на господинот Ахмети кој како сива еминенција ја управува Македонија. Јас сум тука и се ставам на целосно располагање, заедно со вас, зашто на Македонија ѝ треба претседател кој излегува од граѓаните, ќе работи за граѓаните и ќе им служи на граѓаните, рече Димитриевски.

Тој порача соседите да престанат да уценуваат и да го блокираат патот до ЕУ.

-Не сакам да потклекнувам на притисоци, уцени, закани, користејќи ја својата позиција за членство во Европската Унија на една мала Македонија да ѝ го блокираат патот. А како што тие милуваат да нѐ наречат браќа, нека го докажат тоа и нека ни го одблокираат процесот. Во спротивно, историјата ни се повторува. А ние Македонците ќе се обединиме и ќе се самоорганизираме. Бидејќи друго нема. Доволно беа поделбите на патриоти и предавници, рече пред прилепчани вечерва претседателскиот кандидат Максим Димитриевски од Движењето „ЗНАМ“.

Димитриевски во текот на денот се обрати и пред граѓаните на Кичево, а имаше и средби со жителите на Кривогаштани. ем/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан