• петок, 22 ноември 2024

Дигитална мапа за појасите на трска на Охридското крајбрежје од Подмоље до Свети Наум

Дигитална мапа за појасите на трска на Охридското крајбрежје од Подмоље до Свети Наум

Охрид, 11 јануари 2023 (МИА) – Појасите со трска на Охридското крајбрежје од селото Подмоље до Свети Наум се поставени на дигитална мапа во рамки на проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“ што го реализира Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина ‐ Регионален зелен центар Охрид.

Од Општина Охрид појаснуваат дека се работи за дигитална интерактивна мапа на која се одбележани појасите на трска на крајбрежјето на нивна територија.

– Со клик на секој од појасите се појавува легенда за него, која содржи информации добиени од теренските истражувања во однос на должина и ширина на појасот, вкупна површина и споредба на површината во однос на претходни постари мерења, слики и кратки информативно- едукативни видеа, информираат од Општина Охрид.

Целта на активноста, како што соопштија, е промоција на природното наследство и подигнување на јавната свест за значењето и потребата од правилно управување со трската во Охридското Езеро.

– Од аспект на едукативен карактер, мапата ќе служи како помагало во образовниот процес во основните училишта, со цел учениците да развијат поголема свест за животната средина и конкретно за трската. Од информативен аспект, ќе служат да и ја доловат на јавноста вклучувајќи ги и туристите, реалната состојбата во која што се наоѓа трската, како и потребата од превземање соодветни мерки, стои во информацијата на Општина Охрид. До мапата може да се пристапи преку линкот https://rzc-ohrid.com/?page_id=1064

Проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“ се реализира во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од Европската унија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). сс/цр

Остани поврзан