• сабота, 14 декември 2024

Дигитална изложба посветена на „Македонка“ – првиот женски весник во Македонија

Дигитална изложба посветена на „Македонка“ – првиот женски весник во Македонија

Скопје, 8 март 2024 (МИА) –  Дигиталната изложба посветена на „Македонка“ – првиот женски весник во Македонија, кој бил орган на Антифашистичкиот фронт на жените од Македонија (АФЖ), беше претставена денеска во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје  по повод Денот на жената 8 Март. 

Авторки на изложбата, насловена „Жените во ретката периодика“, се Марина Мијаковска и Милица Ивановска, чија цел била да се истакне големото културолошко, историско и книжевно значење на весникот во кој жените партизанки објавувале прогласи и манифести за отпорот кон фашизмот и за еманципација и стекнување права на жените. 

Исто така, идејата им била и да потсетат на неправедно заборавени жени кои објавувале свои литературни трудови во весникот „Македонка“. Тоа биле жените, воедно и партизанки, во редакцијата на весникот  чија прва уредничка била Веселинка Малинска.  Така што, првиот женски весник објавен во државата не е значаен само како сведок за културата и историјата на македонските жени, нивниот активизам во политиката итн., туку е релевантен и за историјата на женското пишување во земјава. 

-Тие се скриени субјекти во литературата. Првата генерација македонски писатели, како Ацо Шопов, Блаже Конески, Венко Марковски..., своите први прилози ги објавувале тука, но жените авторки што објавувале со нив историјата или ги отфрлила или ги заборавила. Целта ни беше ние да ги откриеме затоа што тие постоеле, изјави Мијаковска, една од авторките на изложбата.

Првиот број на „Македонка“  бил објавен на 7 ноември 1944 година и периодично излегувал до 1952 година кога со исклучувањето на АФЖ престанал да постои. За осум години имал вкупно 83 броја. Првите броеви се чуваат во збирката Ретка периодика во Националната и универзитетска библиотека каде што се прави и дигитализацијата. Дигитализирани се броевите од 1944, 1945 и 1946 година, а во план е да бидат опфатени сите броеви на „Македонка“. 

Првите броеви од весникот, како што рече Мијаковска, ја прикажуваат жената партизанка рамноправна со мажите во антифашистичката борба, а по војната весникот имал тематски промени, па се  објавувале прилози за секојдневниот живот, како домаќинство и мода. 

-Важноста на весникот е во тоа што жените освен што се борат за ослободување, тие исто така се борат и за своите права, па така во 1945 година Македонките успеваат да се изборат за рамноправност и за право на глас. АФЖ го создал ова списание за да може жената да ги постигне правата, а потоа содржините во весникот се менуваат и веќе ја гледаме современата жена Македонка. Имаме прекрасен библиотечен извор од кој откриваме дека жените од АФЖ ги граделе и библиотеките како институции формирајќи ги преку акции за собирање донации со кои купувале книги. Тоа е импозантна информација, истакна Мијаковска. 

Промовирањето на дигиталната изложба во НУБ беше заокружено со поетско читање на македонски писателки. хс/аа/

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан