• понеделник, 23 декември 2024

Дигитализацијата можност за надминување на родовите бариери и унапредување на родовата еднаквост

Дигитализацијата можност за надминување на родовите бариери и унапредување на родовата еднаквост

Скопје, 6 март 2023 (МИА) - Трасирање на патот кон дигитална трансформација, учеството на жените на пазарот на трудот, предизвиците и можностите и дигиталните алатки за унапредување на родовата еднаквост се во фокусот на конференцијата на тема „Жените и дигитализацијата - надминување на бариерите, отворање можности за унапредување на родовата еднаквост”.

На конференцијата, што се одржува денеска во организација на агенцијата на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (УН Жени) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), воведно обраќање имаше вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска, која истакна дека дигиталната трансформација не е само владина стратешка цел.

- Дигиталната трансформација не е важна само поради исполнување на владина стратешка цел за модерна и ефикасна јавна администрација. Дигитализацијата која дава брзи и ефикасни услуги е директно поврзана и со други цели, кои се владини, но, се цели кои се интерес на нашата држава, а тоа е економски раст, повисок стандард, поквалитетно образование, владеење на право, транспарентност и намалување на корупција, рече Грковска.

Според неа, родовата еднаквост во секој сегмент е прашање кое не може да се заобиколи, а дигитализацијата, како што рече, може многу да помогне во подобрување на состојбите како што се новите можности за поголемо учество на жените на пазарот на труд, поголема вклученост во промените и целосно искористување на нивниот потенцијал.

- Тоа значи нивно зајакнување и во економски аспект, во стекнување на нивната независност и на севкупниот економски развој и животен стандард, рече таа.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, истакна дека во структурата на раководните позиции има диспропорција и затоа, според него, не можеме да кажеме дека сме отворено општество.

- Ние можеме да направиме стратегии, меѓутоа ако тоа не помага во развојот на кариерата на тие луѓе, тоа нема да значи ништо. Ние треба да отвориме патишта, да овозможиме реализација на портфолијата на луѓето, без разлика дали се работи за маж или за жена, рече Алиу.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска говореше за проектите кои Градот Скопје ги спроведува со цел, како што рече, да им даде еднакви можности на жените.

- Имајќи предвид дека родовата компонента е важна и дека постојат нешта кои на жените им се понеопходни, отколку на мажите, делуваме и работиме тоа да го овозможиме и да биде нешто што ќе биде дел од нашето секојдневие, рече таа.

Арсовска порача дека треба да се стимулира секоја алатка која што може на жените да им даде повисоко ниво на можности да учествуваат во сите процеси на локалната самоуправа и градењето на локалните и националните политики.

Раководителка на Канцеларијата на УН Жени во земјава, Весна Ивановиќ-Кастаред, рече дека без оглед на тоа што високо образовани жени работат во светот на дигитализацијата, овој сектор не е родово неутрален и мажите сепак традиционално доминираат како во многу полиња на јавниот и политичкиот живот.

- Дигитализацијата овозможува пробив на жените и на овие полиња, во кои традиционално доминираат мажи, а за тоа треба сите ние да дадеме поддршка. Премостувањето на оваа дигитална родово поделба бара подобрен пристап до интернет уреди, образование и обука. Да не заборавиме дека некои девојчиња немаат исти можности и пристап до образование како и момчињата. Да не заборавиме дека некои жени немаат можност да имаат свој компјутер, телефон или пак пристап до интернет, рече таа.

Според неа, длабоко вкоренетите родови стереотипи ги спречуваат жените и девојчињата, особено оние од ранливите групи, да ги искористат безбројните можности што ги нудат дигиталните технологии за личен и професионален напредок и секоја промена мора во прв план да ги има потребите и придонесот на сите.

Конференцијата се организира во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената - 8 Март, а на неа ќе учествуваат повеќе претставници и експерти од јавниот сектор. ар/сп/

Остани поврзан