Де Вевер: Позицијата на министерката Верлинден не е доведена во прашање
- Верлинден се најде на критики на опозицијата откога викендов беше обелоденето дека пред да стане членка на владата во 2020 година таа била адвокат на француската ИТ-компанија „Сопра Стерија“, која на тендер го добила проектот за дигитализација на полицијата наречен „И-полиција“. Проектот „И-полиција ѝ е доделен на „Сопра Стерија“ во 2022 година во време кога Верлинден беше министерка за внатрешни работи“.
Брисел, 3 февруари 2026 (МИА) - Позицијата на белгиската министерка за правда Анелис Верлинден во моментот не е доведена во прашање и пред да извлечеме какви било заклучоци да почекаме да заврши нејзиното сослушување - изјави денеска премиерот на Белгија, Барт де Вевер.
Верлинден се најде на критики на опозицијата откога викендов беше обелоденето дека пред да стане членка на Владата во 2020 година таа била адвокат на француската ИТ-компанија „Сопра Стерија“, која на тендер го добила проектот за дигитализација на полицијата наречен „И-полиција“. Проектот „И-полиција“ ѝ е доделен на „Сопра Стерија“ во 2022 година во време кога Верлинден беше министерка за внатрешни работи.
На предлог на опозицијата Верлинден денеска требаше да биде сослушана пред парламентот под сомнеж за судир на интереси, но на нејзино барање сослушувањето е одложено за подоцна кога таа ќе даде дополнителни објаснувања за целиот случај.
- Секој има право на процена врз основа на објективен случај. Според мене, позицијата на Верлинден не е доведена во прашање. Таа ја има мојата целосна поддршка како министер во владата - изјави Де Вевер.
Премиерот истакна дека нема никакви докази оти Верлинден ја фаворизирала француската ИТ-компанија „Сопра Стерија“, но одби да коментира дали таа требало да пријави дека била нејзин адвокат.
Според Де Вевер, Верлинден бранела многу клиенти додека била адвокат, вклучувајќи го и градот Антверпен, чиј градоначалник беше тој пред да ја преземе премиерската функција.
- Тоа не мора да значи дека постои привилегиран однос. Постои проблем со перцепцијата, но перцепцијата сè уште не е реалност - додаде Де Вевер.
Опозициските пратеници побараа спроведување парламентарна истрага за случајот и суспензија на Верлинден од функцијата додека трае истрагата оценувајќи дека „постојат многу причини таа да биде суспендирана“. сп/сд/
Фото: МИА Архива