• понеделник, 25 ноември 2024

Де Вевер доби уште две недели за да се обиде да формира нова влада на Белгија 

Де Вевер доби уште две недели за да се обиде да формира нова влада на Белгија 

Брисел, 12 ноември 2024 (МИА) – Белгискиот крал Филип денеска за уште две недели му го продолжи рокот на лидерот на десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт Де Вевер за да се обиде да формира нова влада на Белгија.  

- Кралот констатира дека се уште не е постигнат напредок во формирањето нова влада, но дека преговорите се уште траат. Врз основа на тоа, тој одлучи повторно да го потврди г. Де Вевер на неговата позиција и да му даде уште две недели за излез од ќорсокакот, соопшти белгиската Кралска палата по денешната средба на белгискиот монарх со Де Вевер, кој е и актуелен градоначалник на Антверпен. 

Во соопштението се додава дека новиот краен рок до кога Де Вевер треба да се обиде да формира влада е 25 ноември. 

Пред денешната аудиенција кај кралот, Де Вевер имаше средба со лидерите на трите партии со кои преговара за формирање на новата белгиска влада – фламанската десно центристичка Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ) и валонските, либералното Реформско движење (МР) и центристичката партија Посветените (ЛЕ).   

Како што јави белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ, Де Вевер сега ќе се подготви за нова рунда преговори на четирите потенцијални владини партнери, а во исто време ќе се обиде да најде и петти партнер, со што би обезбедил мнозинство во Претставничкиот дом на белгискиот парламент за избор на неговата евентуална влада. 

Во преговорите претходно беше вклучена и фламанската социјалдемократска партија Вуројт, но таа се повлече од разговорите на почетокот на месецот, по што нејзиниот лидер Конер Русо беше посочен како „виновник за неуспехот на преговорите“.  

Покрај, одново враќање на Вуројт на преговарачката маса, според весникот „Тијд“, Де Вевер ја разгледува и можноста во неговата потенцијална владина коалиција да ја привлече либералната Отворени Фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) на премиерот во заминување Александер де Кро, која по лошите резултати на јунските парламентарни избори најави преминување во опозиција.    

На изборите за Долниот дом на белгискиот Федерален парламент, одржани на 9 јуни, Н-ВА на Де Вевер освои 24 пратеници, пред националистичката и десно популистичка Фламански интерес (ВБ) и РМ со по 20, валонската Социјалистичка партија (ПС) со 16, Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ) со 15, ЛЕ со 14, Вуројт со 13, ЦДВ со 11, Опен ВЛД со 7, Зелените со 6, Еколо со 3 и бриселската регионална либерална партија Независни федерални демократи (ДЕФИ) со 1 мандат.   

По неколкунеделни консултации со парламентарните партии, кралот Филип му довери задача на Де Вевер да се обиде да состави нова владина коалиција, но кон средината на август тој го врати мандатот. По ова, кралот на 23 август го задолжи лидерот на ЛЕ, Максим Прево да посредува во обидите за формирање нов владин кабинет.   

На 1 септември Прево изјави дека е „воодушевен од успехот на неговата мисија“. - Сите партии ја потврдија својата решеност да ги спроведат важните структурни реформи, кои треба да ја вратат Белгија на колосекот на просперитетот и благосостојбата за нејзиното население и економија. Сега останува да се одреди методологијата и начинот за продолжување на преговорите, изјави Прево.    

Врз основа на резултатите од мисијата на Прево, на 2 септември кралот Филип одново го задолжи Де Вевер да ги продолжи преговорите меѓу петте можни партнери за формирање идна владина коалиција, за што првичниот краен рок беше 23 септември, но поради локалните избори во Белгија што се одржаа на 13 октомври, тој беше пролонгиран, прво до 17 октомври, потоа до 4 ноември, па до денеска.  

На средбата со кралот на 4 ноември де Вевер се обиде да му го врати доделениот мандат за формирање на влада, но белгискиот монарх сепак му даде дополнително време до денеска за консултации околу можноста за создавање нова владина коалиција.  

Според белгиските медиуми главни спорни прашања меѓу потенцијалните идни владини партнери се реформите поврзани со даночниот систем, вработувањето и пензиите, заедно со буџетските трошоци за нив, како и Предлог-законот за абортус.  

Прашањето за Буџетот е особено важно од причина што Европската комисија веќе поведе постапка против Белгија поради прекумерен буџетски дефицит, па трошоците за планираните реформи мора да се усогласат со плановите за намалување на буџетската потрошувачка. сп/ 

Фото: Скриншот

Остани поврзан