Де Брујне е најголемиот во историјата на Сити, но мора да прифати дека неговото време истече
- Се чини дека Кевин Де Брујне ги игра последните месеци во Манчестер сити. Плејмејкерот лесно може да се дефинира како најдобар играч во историјата на клубот, но за жал, времето на врвно ниво очигледно му истекува.

Манчестер, 3 март 2025
goal.com/TemaSport
Се чини дека Кевин Де Брујне ги игра последните месеци во Манчестер сити. Плејмејкерот лесно може да се дефинира како најдобар играч во историјата на клубот, но за жал, времето на врвно ниво очигледно му истекува.
За време на оваа тешка сезона за Сити, не еднаш видовме индикации дека Де Брујне повеќе не е играчот кој може да диктира натпревари и да извојува победи за својот тим. Ова не можеше да остане незабележано од менаџерот Пеп Гвардиола, кој се повеќе го остава Белгиецот на клупата, дури и кога на Сити очајно му е потребна динамика и креативна искра.
Триесет и тригодишниот Де Брујне се мачеше за време на дербито против Ливерпул и беше тажен за гледање.
Не толку одамна играчот од средниот ред беше ноќна мора за „црвените“ и постигна гол во двата меча против нив во епската битка за титулата во сезоната 2021/22. Во таа кампања, Сити го надмина својот голем ривал со само еден бод, а Де Брујне беше најдобар стрелец на тимот со 15 гола, на кои додаде и осум асистенции. Таа сезона успеа да постигне и четири гола на еден натпревар против Вулверхемптон.
Не дербито уште еднаш стана јасно дека повеќе не може да го следи темпото на Премиер лигата и ја загуби поранешната острина и инспирација. Дури, гостинските навивачи на Ливерпул му се потсмеваа кога ќе ја примеше топката. Се разбира, Де Брујне сепак доби овации кога конечно беше заменет, бидејќи публиката на Сити не може да заборави се што направи за нив.
Но, не е ни чудо што Гвардиола воопшто не го искористи својот капитен на следниот меч со Тотенхем (1:0).
Иако се уште е во составот, Кевин Де Брујне веќе се чувствува како дел од минатото на Сити. И оваа сезона стана јасно дека е време тимот да гледа кон иднината со идеја да изгради нов и поинаков шампионски тим.
Белгиецот можеше да си замине по завршувањето на минатата сезона и веројатно веќе посакуваше. По освојувањето на историската четврта последователна шампионска титула, играчот ја прокоментира можноста да си замине од Премиер лигата и да заигра во Саудиска Арабија.
- На мои години мора да бидеш отворен за секаква опција. Ова е огромна сума на пари во веројатно последниот период од мојата кариера. Понекогаш треба да размислите за тоа, призна Кевин за белгиските медиуми.
Тој на крајот одлучи да остане на „Етихад“ во последната година од неговиот договор со одобрение на Гвардиола.
Тивкиот преоден рок на Сити, со само Илкај Гундоган и Савињо додадени во тимот, сугерира дека менаџерот сметал на сериозен придонес од Де Брујне. Сепак, плејмејкерот често пати од повреди и се чини дека му е се потешко да остане во форма. Тој надмина две повреди на тетивата во рок од 10 недели, а вториот пат беше потребна операција.
Но, на крајот на 2023/24 година, го инспирираше тимот за последен напад, завршувајќи со 4 гола и 10 асистенции, иако одигра само половина сезона.
И новата кампања започна ветувачки за него, а Де Брујне настапи во првите три првенствени кола, а потоа постигна два гола за Белгија на натпреварот против Израел.
Сепак, се тргна наопаку по навидум малата повреда против Брентфорд во средината на септември. Тогаш Де Брујне дури го заврши мечот и беше стартер три дена подоцна против Интер, но издржа само до паузата.
Потоа беше надвор од терените до почетокот на ноември и никогаш не успеа да се врати во стартната постава до натпреварот против Нотингем Форест во декември.
- Се надевав дека ќе ме нема само неколку дена, но испадна дека е помеѓу 8 и 9 недели, разочарано изјави Кевин.
Нема многу разговори, додаде тој во врска со темата за продолжување на договорот што му истекува.
- Ако чувствувам дека можам да придонесам за тимот, тоа е добар показател дека сè уште можам да играм на врвно ниво. Тоа е единствената гаранција што ми треба. Но, немам поим уште колку ќе можам да придонесувам, истакна тој.
Три месеци по тие зборови, неговите шанси да остане во Сити изгледаат минимални.
Де Брујне стартуваше само на 12 од 27-те првенствени натпревари на „граѓаните“ и неговата физичка состојба му дозволува да биде само периферна фигура. Не е дека неговата класа исчезна. На неколку натпревари не потсети на што е способен со топката во неговите нозе, на пример кога постигна гол и асистираше против Форест, а потоа даде четири гола на трите натпревари против Вест Хем, Брентфорд и Ипсвич.
Против посилните противници, пак, средниот ред на Манчестер сити доживува огромни проблеми и Де Брујне не само што не може да ги реши, туку се чини дека ги влошува.
Затоа не играше во реваншот против Реал Мадрид во Лигата на шампионите, откако имаше минимално влијание во првиот натпревар.
На гостувањата против Арсенал и Ливерпул доцна се појави од клупата за резерви, како и на домашниот дуел со Челси.
Гвардиола не крие дека проблемот со еден од неговите најдобри играчи е чисто физички.
- Кога е здрав, Кевин е Кевин – еден од највлијателните играчи во историјата на Манчестер сити и Премиер лигата. Понекогаш не се чувствува добро и треба да биде во добра физичка кондиција за да биде добро, објасни Пеп.
За жал, телото на Де Бруин е се помалку подготвено за барањата на Премиер лигата.
Есента, менаџерот го спореди со застарен автомобил и нагласи дека не е проблемот талентот, кој сè уште постои, туку истрошеноста со годините.
Кевин Де Бруин е дел од Манчестер Сити веќе десет години и е клучна фигура во најуспешниот период во клупската историја. Со тимот подигна вкупно 16 трофеи, вклучувајќи ја и титулата во Англија шест пати, а неговиот талент и класа се одамна препознаени.
Сити има свои легендарни фигури од модерната ера како Винсент Компани, Серхио Агуеро и Давид Силва. Има и славни играчи од минатото, како Колин Бел и Берт Траутман, кои исто така освоија трофеи на домашната сцена. Но, никој од нив не може да се пофали дека придонел за историската тројна круна во 2022/23 и играл водечка улога во тогаш освоениот прв Европски куп во витрината.
Нема сомнеж дека кога Де Брујне ќе го напушти „Етихад“, треба да биде испратен како херој. И најлогично е тоа навистина да се случи по завршувањето на оваа сезона, што е жално за него и за целиот тим. дс/зс/
Фото: ЕПА