• сабота, 29 јуни 2024

Денови на култура во општина Илинден 2024

Денови на култура во општина Илинден 2024

Скопје, 14 мај 2024 (МИА) - Општина Илинден од денеска ќе биде домаќин на традиционалните Денови на културата, во чии рамки во Домот на култура „Илинден“ ќе се одржи јубилејната 25-та Литературна манифестација „Илинден 2024“, а во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.

Новина оваа година во програмата на Деновите на култура, како што информираат од Општина Илинден, е прикажување на кино проекција на игран филм.

За љубителите на филмот, вечер со почеток во 19:00 часот, во кино салата на Дом на култура „Илинден“ ќе се прикажува игран филм „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ

Утре ќе се одржи трибина „Современа македонска литература и нејзината перцепција (читањето, критиката, медиумите“, со учество на еминентни писатели и литературни критичари, потоа креативна работилница „Гатанките, поговорките и пословиците во македонската литература за деца“ со учество на писатели на ДПМ и ученици од основните општински училишта од општина Илинден, како и традиционалното Литературно матине за деца ,,Пролетно поетско будење на Илинден” со учество на повеќемина истакнати македонски писатели за деца и млади.

По повод Меѓународната литературна манифестација Општина Илинден распиша литературен награден конкурс на тема ,,Татковина” за учениците од општинските основни училишта, при што на Литературното матине за деца ќе бидат прочитани и наградените песни, а на учениците ќе им бидат доделени пригодни награди. Дел од манифестацијата е ликовна изложба на ликовниот уметник Владимир Темков, како и културно-уметничката програма со настап на АМПИ ,,Илинден”, КУД „Гоце Маркоски„ како и музички настап на ученици од општина Илинден.

Централен настан на манифестацијата што се реализира во соработка со Друштвото на писателите на Македонија е поетска вечер „Интимно соѕвездие“ посветена на современата македонска љубовна поезија што ќе се одржи на 16 мај (четврток) со почеток во 19:00 часот, на кој ќе настапат повеќемина реномирани македонски поети. Новина оваа вечер ќе биде промоцијата на посебно издание-книга со текстовите на учениците од минатата година, како и музички настап на Trinity Strings. дма/мд/

Фото: Плакат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан