• сабота, 17 август 2024

Демонстрантите во Бангладеш напаѓаат поддржувачи на поранешната премиерка Хасина и малтретираат новинари

Демонстрантите во Бангладеш напаѓаат поддржувачи на поранешната премиерка Хасина и малтретираат новинари

 

Дака, 16 август 2024 (МИА) - Стотици студенти и политички активисти во Бангладеш, вооружени со бамбусови стапови, железни шипки и цевки, вчера ги нападнаа поддржувачите на екс премиерката Шеик Хасина и ги спречија да стигнат до поранешниот дом на нејзиниот татко, убиениот лидер за независност, шеикот Муџибур Рахман во главниот град, објавија американските медиуми.

Вчера беше годишнината од смртта на Рахман, a Хасина, која е во самонаметнат егзил во Индија, ги повика своите поддржувачи да го одбележат денот со оддавање почит на Рахман. Претходно, 15 август беше државен празник и беше одбележуван како ден на национална жалост од страна на администрацијата на Хасина. Сепак, одбележувањето беше откажано од новата привремена влада на чело со нобеловецот Мухамед Јунус, формирана по соборувањето на Хасина.

Демонстрантите ги нападнаа поддржувачите на Хасина кои се обидоа да стигнат до Меморијалниот музеј Бангабандху. Тие малтретирале многумина и ги проверувале телефоните и личните карти на учесниците во акцијата, заканувајќи им се на новинарите кои ги снимале инцидентите на местото на настанот, велат очевидци.

Хаосот во главниот град на Бангладеш продолжи и во текот на вчерашниот ден, а на улиците не можеше да се види полиција.

Повеќе од 300 луѓе се убиени во немирите што започнаа во јули со протестите против системот на квоти за владините работни места. Тие подоцна прераснаа во движење против сè поавтократската администрација на Хасина. На крајот, востанието ја принуди Хасина да ја напушти функцијата и да побегне во Индија, ставајќи крај на нејзиното 15-годишно владеење.

Јунус стана привремен премиер. Неговиот привремен кабинет вклучува 16 лица, меѓу кои двајца лидери на студентски протести и други личности, главно претставници на граѓанското општество.

Тој ги избра новите членови на владата по разговорите меѓу студентските лидери, претставниците на граѓанското општество и војската. мс/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан