• сабота, 15 јуни 2024

Делчевското село Ѕвегор пред приклучување на новиот систем за водоснабдување, за жителите работите траат предолг

Делчевското село Ѕвегор пред приклучување на новиот систем за водоснабдување, за жителите работите траат предолг

Делчево, 14 јуни 2024 (МИА) - Во делчевското село Ѕвегор преку проект на Министерството за животна средина во тек се интервенции за нивно приклучување на водоводната мрежа од која се снабдуваат и останатите граѓани на Делчево. 

Сепак според жителите кои живеат во најголемото делчевско село, работите се одолговлекуваат повеќе од три години. Како резултат на тоа, тврдат дека се јавува и недостиг на вода особено во летните месеци, поради што бараат алтернативни начини, да ја обезбедат во своите домови.

-Кај нас нема вода. Порано имаше вода ама се користеше за свои потреби, а сега со новиот водовод селото е големо, колку ќе има ќе видиме, вели жител од последната куќа во селото.

За слична состојба тврдат и жители од средниот дел на селото.

-Еден дел има вода, еден дел нема, ситуацијата е испомешана. Три години е веќе така, ние се надеваме на новиот водовод, ама кога ќе се заврши не знаеме. Порано имаше стар водовод кој беше уништен, сега наново се прави, велат жители на Ѕвегор.

Околу доцнењето на работите свое појаснување даде директорот на комуналното претпријатие Стојче Стојковски. Тој за МИА информираше дека проектот за водоснабдување на Делчево кој е финансиран од Швајцарската конфедерација и Министерството за животна средина опфаќа два дела. 

Првиот дел како што појасни Стојковски ги опфаќа населените места Габрово и Ѕвегор, додека делот кој го финансира Швајцарската конфедерација, подразбира изградба на нова пречистителна станица, прекривни комори, фотоволтаици итн. 

-Што се однесува до делот кој е од Министерство за животна средина и просторно планирање , Министерството распиша тендер според законските прописи кои важат во Северна Македонија, односно законите за јавни набавки. За тендер се пријави фирмата Бауер од Скопје, односно со почетокот на изведувањето на работите оваа фирма имаше одредени внатрешни свои структурални проблеми, така што работите во овој дел во Ѕвегор доцнеа. Имаше доцнење и поради ковид кризата и поради зголемените трошоци во изведбата на проектот. Министерството за животна средина им го продолжуваше рокот за изведба на работите и оваа година сега им е продолжен рокот и се надеваме дека во најскоро време ќе завршат сите работи и ќе се изврши примопредавање на објектот на Општина Делчево кој Советот на Општина Делчево ќе го предаде на користење на Јавното комунално претпријатие ,,Брегалница" Делчево, како единствено јавно претпријатие во Општина Делчево кое ја дава услугата за водоснабдување, појаснува Стојковски.

Приклучувањето на новиот водовод жителите ќе ги чини околу 7400 денари, што за дел до нив не е прифатлива таквата одлука. Во овој контекст дел од жителите ги напоменаа и проблемите во делот на како што рекоа несоодветната изведба на водоводот.
 
-Вода имавме ама ја направија за никаде. Еве една цевка само да ви покажам, еве свиена како изгледа. Три фамилии се во една шахта, треба да се пресече и водоводно ,,коленце" да стави, а не вака на суво. Во однос на цената за приклучок за две спојки што ќе навртат изнесува околу 7400 денари. Сега во таа цена да спаѓа и водомерот со последната белешка за вода рекоа да си земеме водомер и сите приклучоци. Зошто толку пари не знам. Овие пари се многу за таа работа ми се чини барем за мене, вели жител на Ѕвегор. 

Други жители додаваат дека сите кои сакаат вода ќе треба да платат, а трети сметаат дека не мора ништо да платат, тврдејки дека за тоа се обезбедени пари со самиот проект.

-За приклучок добивме известување колку денари треба да платиме, но јас мислам дека треба да кажат каде се тие 8 милиони евра, а проектот е направен, вели жител на селото. 

Директорот Стојковски на ова додава дека околу прашањето за надоместоците за приклучок на вода, тие се регулирани согласно законот за јавните претпријатија и законот за снабдување со вода со кои е предвиден таков надоместок.

-Врз основа на тој закон во 2009 година , Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие на Општина Делчево предлага цена за приклучокот која во моментот изнесува 7360 денари за приклучок на водоснабдителниот систем и за приклучок на канализационата мрежа. Овој надоместок е задолжителен за сите нови корисници кои треба да бидат внесени во системот како корисници на вода за пиење. Значи оваа обврска не е само за жителите на Ѕвегор туку за сите граѓани во Општина Делчево, децусен е Стојковски.

Во однос на тврдењата на дел од жителите дека Швајцарската конфедерација има платено за приклучок,  директорот на делчевското комунално претпријатие категорично ги отфрли како невистинити.

-Швајцарската конфедерација како што напоменав и претходно не учествува во проектот на Министерството за животна средина, односно за водоснабдување на село Ѕвегор.  Значи тие се обврски за сите граѓани и оттаму ние ја почитуваме одлуката на Советот и на Управниот одбор и тие надомести како нови корисници мора да се склучат договори и да бидат платени од страна на корисникот на услугата, појаснува Стојковски.

Во изминатиот период како што потврди имало прекин на водоснабдувањето во Ѕвегор и градот Делчево, но тоа како што рече било поради изградбата на новата разделна шахта во Тработивиште. Согладно работите предвидени во проектот во тој период биле заменети сите фасонски делови поради што како што рече неполни два дена градот и дел од околните места имаа прекин во водоснабдувањето.

Во моментот како што заврши директорот Стојковски во функција се пречистителната станица, а по потреба се вклучуваат и пумпите за вода, се со цел да нема недостаток на вода, особено во погорните зони на градот Делчево како и во селските средини вклучително и селото Ѕвегор. вс/са/

Фото: МИА

Остани поврзан