• среда, 16 октомври 2024

Делчевската библиотека подари книги на жртвите од семејно насилство од шелтер центарот во Делчево

Делчевската библиотека подари книги на жртвите од семејно насилство од шелтер центарот во Делчево

Делчево, 15 октомври 2024 (МИА) - По повод месецот на книгата Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево одлучи во месецот на книгата-месец Октомври, да подари книги од македонски авторки на жртвите на семејно насилство сместени во најблискиот шелтер центар. Активноста како што информираше директорката на установата Билјана Петровска се реализира со поддршка на Јавната установа Меѓуопштински центар за социјални работи - Делчево.

-Бројот на жени кои трпат семејно насилство не е мал. Ги има многу. Но повеќето од нив молчат. Срамот за да не бидат озборувани и стравот да не го растурат семејството, се уште се поголеми, од болката на ударите што ги добиваат. Со ова наше мало внимание, сакаме да покажеме дека сме на нивна страна и дека гласно ќе зборуваме и ќе се бориме против родово базираното насилство, истакна Петровска.

За реализација на оваа иницијатива како што додаде беа одбрани дела и од повеќе македонски авторки.

-Избравме неколку дела од наши  авторки меѓу кои Верица Муковска, Габриела Костадинова, Дијана Петрова, Јасмина Атанасова, Ивана Јовановска, Виолета Николовска, Лилјана Пандева, Јелена Никодиноска-Чаповска, Оливера Андоновска и други авторки. Да ги поддржиме нашите женски македонски авторки, нашите домашни писателки и поетеси, жените кои создаваат и творат, без разлика дали е поезија или проза, додаде Петровска. 

Книгите денеска претставници на библиотеката ги доставија до Центарот за социјални работи-Делчево, од каде ќе бидат предадени во шелтер центарот во Делчево. вс/ев/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан