• петок, 22 ноември 2024

Дебарските јагниња и годинава на италијанската и хрватската трпеза

Дебарските јагниња и годинава на италијанската и хрватската трпеза
Дебар, 1 април 2021(МИА) - Дебарските јагниња и годинава ќе завршат на италијанската и хрватската велигденска трпеза, потврди за МИА, Скендер Аме, претседател на здружението на сточари „Даши“. Според него сточарите од општините Дебар и Центар Жупа располагале со околу 20 илјади јагниња, од кои 15.000 се веќе откупени, дел се чуваат за приплод, додека дел за локалниот пазар, за претстојните празници. -Откупот го вршеа две фирми, една од Скопје и една од Кавадарци. Продолжува традицијата присутна со години наназад нашите јагниња да завршуваат  на пазарот во Италија а од пред неколку години и во Хрватска. Над  пет илјади се оставени за приплод, додека останатиот дел сточарите ќе ги чуваат за продажба на локалните жители за Велигден, Први мај и Ѓурѓовден, вели Аме. Тој, сепак, го нагласува незадоволството на сточарите од откупната цена која се движи од 135 до 140 денари за килограм жива мера. За разлика од  пред неколку години кога цената беше 180 денари, додава, последните пет години бележи континуирано намалување. -Во немањето друг излез сточарите ја прифаќаат цената иако се свесни дека не е обејктивна. За да ги подмириме давачките за одгледување цената треба да биде 180 денари а за да имаме одредена добивка реално откупната цена треба да биде најмалку 200 денари. Сепак, голема поддршка за нас секако се субвенциите што ни ги дава државата, нагласува Аме, кој е познат сточар. Сточарите од двете општини од овој регион располагаат со околу 40.000 грла ситен добиток. Во зимскиот период дел од нив стадата ги чуваат тука, додека дел во Пелагонскиот регион. Овој месец се очекува, стадата да ги пренесат на бачилата на планините Стогово, Бистра, Мала  и Голема Мегданица, кои располагаат со богати и чисти пасишта. вт/аа/            

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан