• четврток, 11 јули 2024

„Да му дадеме нов лик на центарот на селото“ проект во дебарско Долно Косоврасти 

„Да му дадеме нов лик на центарот на селото“ проект во дебарско Долно Косоврасти 

Дебар, 10 јули 2024 (МИА) – Во дебарското село Долно Косоврасти во тек на реализација е проектот „Да му дадеме нов лик на центарот на селото“, што е еден од најголемите по обем и финансии што се спроведува во целост од месната заедница. 

- Наша цел е селото да добие современ паркинг со бекатон плочки на површина од 300 квадратни метри. Покрај паркингот ќе бидат засадени повеќе од 15 разни дрвца, кои  ќе бидат вистински „крвоток“ во центарот на селото. За проектот да биде комплетен и да овозможи вистинска релаксација ќе биде изграден модерен летниковец, во форма на осмоаголник. Исто така за најмладите планираме да се постават неколку детски реквизити, информираа од месната заедница.

Имајќи ја предвид големината на проектот, додаваат,  истиот ќе се спроведува во повеќе фази, односно доброволни работни акции, при што дел се веќе реализирани. 

- Крајниот рок за завршување на проектот е зависи од вклученоста на жителите во истиот. По завршување на проектот ќе споделиме подетални информации за тоа кој и на каков начин придонел за реализација во овој проект. На сите кои досега се вклучија изразуваме голема благодарност и апелираме и до останатите да се вклучат во оваа значајна активност, посочуваат од месната заедница.

Со залагање на месната заедница а со поддршка на општина Дебар неодамна беше обновен детскиот парк во селото, кој се наоѓа во кругот на ООУ „Ристе Ристевски“, а реализирани се и повеќе еколошки акции во селото и брегот на Радика. вт/цр

Фото: МЗ Долно Косоврасти

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан