• петок, 22 ноември 2024

Г7 усогласи принципи и Кодекс на однесување за вештачката интелигенција 

Г7 усогласи принципи и Кодекс на однесување за вештачката интелигенција 

Брисел, 30 октомври 2023 (МИА) - Ми претставува задоволство што можам да го поздравувам денешниот договор на лидерите на Г7 за водечките меѓународни принципи за вештачка интелигенција и за доброволниот Кодекс на однесување за креаторите на вештачката интелигенција, кои ги одразуваат вредностите на ЕУ за промоција на доверлива вештачка интелигенција, порача денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. 

Во објава на платформата Икс по повод усогласувањето на меѓународните принципи на Г7 и доброволниот Кодекс на однесување, Фон дер Лајен апелира до творците на вештачка интелигенција да го потпишат и имплементираат Кодексот што е можно поскоро. 

- Потенцијалните придобивки од вештачката интелигенција за граѓаните и економијата се огромни. Сепак, забрзувањето во капацитетот на ВИ носи и нови предизвици, наведе Фон дер Лајен, посочувајќи дека Европската комисија беше пионер на ова поле со усвојувањето на Законот за вештачка интелигенција, како регулатива што придонесува за заштита и менаџирање со вештачката интелигенција на глобално ниво. 

Според ЕК, договорените принципи и Кодекс на однесување на меѓународно ниво ќе ги надополнат правно обврзувачките одреди на ЕУ согласно Законот за вештачка интелигенција. 

Единаесетте принципи усвоени од лидерите на Г7 обезбедуваат насоки за организациите кои развиваат, продаваат и користат напредни системи си вештачка интелигенција за промовирање на безбедноста и доверливоста на технологија.  

- Тие вклучуваат обврски за ублажување на ризиците, злоупотреба и идентификување на слабостите, за поттикнување одговорно споделување информации, известување за инциденти и инвестирање во кибер безбедноста, како и систем што ќе им овозможи на корисниците да ја идентификуваат содржината генерирана од вештачка интелигенција, наведува ЕК. 

Меѓународните принципи усогласени од ЕУ и членките на Г7 послужија како основа за изработка на Кодексот на однесување, кој треба да обезбеди детални и практични насоки за организациите кои развиваат вештачка интелигенција.  

- Доброволниот Кодекс на однесување ќе промовира и одговорно управување со вештачката интелигенција на глобално ниво. Двата документи ќе бидат прегледани и ажурирани по потреба, вклучително и преку инклузивни консултации со повеќе чинители, за да се осигура дека тие ќе останат погодни за целта и ќе одговараат на оваа технологија која брзо се развива, посочува Еврокомисијата. 

Лидерите на Г7 воедно ги повикаа организациите кои развиваат напредни системи на вештачка интелигенција да се посветат на примената на Меѓународниот кодекс на однесување, најавувајќи дека првите негови потписници ќе бидат објавени во блиска иднина. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан