Грчкиот Парламент ќе отвори порано од планираното за да се одржи вонредна седница за прислушувањата
- По барањето доставено од лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, грчкиот Парламент ќе отвори порано од планираното, за да се одржи вонредна пленарна седница за случајот со прислушувањата во Грција,
Атина, 8 август 2022 (МИА) – По барањето доставено од лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, грчкиот Парламент ќе отвори порано од планираното, за да се одржи вонредна пленарна седница за случајот со прислушувањата во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Ципрас, како што соопштија од партијата, телефонски разговарал со претседателот на грчкиот Парламент, Костантинос Тасулас и го информирал дека доставил допис во кој бара прекин на летниот одмор на пратениците и „одредување вонредна расправа за прашањето за следењето на политичарите и новинарите од Националната служба за разузнавање што е во надлежност на премиерот“.
Владиниот портпарол Јанис Иконому соопшти дека, откако биле информирани од Тасулас за барањето на Ципрас, Владата се согласува да се забрза отворањето на Парламентот на 22 август и во текот на таа недела да се одреди термин за одржување на седница.
Парламентот, кој сега е затворен поради летните одмори, првично, планирано беше на 31 август, одново да започне со парламентарните процедури. ср/ми/