• понеделник, 23 декември 2024

Грковска: Споделуваме позитивни искуства во борбата против корупцијата со колегите од Бугарија

Грковска: Споделуваме позитивни искуства во борбата против корупцијата со колегите од Бугарија
Скопје, 18 март 2022 (МИА) - Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, денеска имаше работен состанок со вицепремиерката за добро владеење на Бугарија, Калина Константинова и министерката за правда Надежда Јорданова, на кој било презентирано македонското искуство околу формирањето независна и професионална Државна комисија за спречување на корупцијата. На состанокот, штој бил одржан во хибриден формат, присуствувале и македонскиот заменик-министер за правда Агим Нухиу, како и членовите и претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, која подетално ја презентирала работата на Антикорупциската комисија. Вицепремиерката Грковска оценила дека овој состанок е дел од соработката со Република Бугарија во рамки на Работната група за европска интеграција и зелени политики, која нуди одлична можност за двете земји да ги разменат позитивните искуства во одредени области. - Овој состанок произлезе од разговорот што го имав со министерката Јорданова која покажа интерес да се запознае поблиску со нашето позитивно искуство околу формирањето и обезбедувањето на независност на Државната комисија за спречување на корупцијата со оглед на тоа што Бугарија се соочува со предизвици на ова поле, истакнала заменик-претседателката на Владата, Грковска, се наведува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста. Министерката Јорданова нагласила дека бугарската Влада во моментов работи на нова законска регулатива со цел да се зајакне антикорупциската борба, бидејќи во моментов институционалната поставеност не дава конкретни резултати. - Работиме на ново законодавство за да се засили антикорупциската комисија, со што ќе се зајакне борбата против корупцијата и затоа е добро да го слушнеме искуството на Северна Македонија во овој сегмент, нагласила Јорданова. Заменик-министерот Нухиу истакнал дека со новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, од јануари 2019 година се зајакнати критериумите за избор на составот на ДКСК, утврден е транспарентен процес на селекција и избор на членови на Комисијата, а инкорпорирани се и други препораки добиени од домашни и меѓународни експерти. Претседателката на ДКСК Ивановска нагласила дека обезбедени се услови за независна, професионална Антикорупциска комисија со зголемени надлежности. - Значајно е што со новата законска регулатива ДКСК има директен пристап до бази на податоци што ги имаат и одржуваат други органи. Нашата работа е јавна, нашите седници се јавни и граѓаните имаат директен увид во предметите што ги работиме. Работиме и на целосна примена на законот за заштита на укажувачите, како еден од клучните закони во борбата против корупцијата, рекла Ивановска и нагласила дека со заменик-претседателката на Владата Грковска и со Владата воопшто има одлична соработка. Во рамки на дискусијата, се посочува во соопштението, тимовите на двете држави размениле мислење и во делот на законската регулатива за конфискација и потекло на имот, проверка на интегритетот, односно ветингот, контролата на имотот, како и за други прашања кои се во интерес на зајакнување на антикорупциските политики и пракси. цр/мч/

Остани поврзан