• сабота, 23 ноември 2024

Грковска-Лудва: Динамизирана соработка за остварување на евроинтеграција на Северна Македонија

Грковска-Лудва: Динамизирана соработка за остварување на евроинтеграција на Северна Македонија
Скопје, 25 февруари 2022 (МИА) - Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска остварила средба со делегација на Чешката амбасада во земјата, предводена од амбасадорот Јарослав Лудва. Потенцирајќи дека секоја средба со пријателска земја како Чешката Република е добредојдена, заменик-претседателката Грковска изразила благодарност за заложбата на земјата во насока на остварување на евроинтеграциските процеси на Северна Македонија. Како што соопштија од Секторот за односи со јавноста на Генералниот секретаријат, Грковска оценила дека Чешка е многу добар пример за остварување на реформските процеси, применливи и кај нас, особено во однос на креирањето на политиките на доброто владеење, со фокус на креирање на антикорупциски политики, како и транспарентно детектирање и воспоставување партнерски однос во мапирање на проблемите во системот. Амбасадорот Лудва истакнал дека останува отворената и континуирана поддршка за целосно исполнување на европските перспективи на нашата земја, особено за време на чешкото претседателство со Советот на Европската Унија од 1 јули оваа година. Грковска и Лудва позитивно ја оцениле и новата енергија и динамика на односите на Северна Македонија и Бугарија и соработката и работата на работните групи меѓу двете земји, со акцент на работата на работната група за европски интеграции, зелена агенда и дигитализација. На средбата била изразена волја за интензивирање на динамиката на соработка меѓу двете земји, како одраз на меѓусебното долгогодишно пријателство и партнерство, со цел остварување на стратешките цели и приоритети, водејќи се од основните принципи на добро владеење, одговорност, ефикасност, чесност и отчетност во остварувањето на европските вредности. цр/са/

Остани поврзан